Момче од Македонија паднало од тобоган и скршило вратен пршлен во Турција, ќе биде вратено во земјава со владиниот авион

Точка

07/08/2026

14:45

693

Големина на фонт

а а а

Младо момче од Македонија кое се здобило со тешка повреда – скршеница на вратен пршлен – по пад од тобоган за време на летување во Бодрум, Турција, утре ќе биде транспортирано во земјава со владиниот авион. Информацијата ја потврдија од Службата за општи и заеднички работи.

Момчето е хоспитализирано во Турција, а поради сериозноста на повредата не може да биде транспортирано со редовен комерцијален лет, ниту со возило. По барање на неговите родители, македонските институции презеле активности за организирање на неговото безбедно враќање во Македонија.

Денеска се вршат последните подготовки за летот. Бидејќи Македонија не располага со медицински транспортен авион, за транспортот ќе биде искористен малиот владин авион, со кој момчето ќе биде пренесено во земјава, каде што ќе го продолжи лекувањето. Според информациите, во авионот ќе има и медицински тим кој ќе ја следи неговата здравствена состојба за време на летот.


Владиниот авион има ограничен капацитет и не е наменет за специјализиран медицински транспорт. Поради тоа, во случаи на евакуации најчесто се користат чартер-летови. Сепак, поради околностите и можностите на леталото, во овој случај е проценето дека владиниот авион може да биде искористен за безбеден транспорт на повреденото момче.

Прашањето за набавка на нов владин авион и во минатото било предмет на политички дебати, поради што државата и натаму нема специјализирано летало за медицински транспорт.