Лекар откри пет работи што секој треба да ги направи веднаш по будењето

Точка

16/07/2026

22:33

550

Големина на фонт

а а а

Д-р Амир Кан е еден од најпознатите телевизиски лекари во Велика Британија, а гледачите редовно го следат во емисиите „Good Morning Britain“ и „Lorraine“, каде што споделува совети за здравјето. Тој е многу активен и на социјалните мрежи, каде што го следат повеќе од еден милион луѓе. Неодамна сподели пет едноставни утрински навики за кои смета дека можат позитивно да влијаат врз здравјето, пренесува „Index“.

Тој нагласи дека не препорачува суплементи ниту скапи производи.

„Ви ги претставувам моите пет најдобри совети за здравје, целосно бесплатно. Нема суплементи, ништо што го продавам, никакви уреди – само пет работи што се добри за вас и кои можете да ги направите веднаш штом ќе се разбудите“, порача тој.

Испијте голема чаша вода

Д-р Кан советува денот да го започнете со чаша вода, бидејќи организмот по седум до осум часа сон природно е благо дехидриран.

„Чаша вода веднаш наутро помага да ја надоместите течноста изгубена во текот на ноќта. Тоа придонесува за подобра циркулација, подобра работа на бубрезите и варењето, а кај некои луѓе може да ја подобри и будноста и концентрацијата“, објасни тој.

Додаде дека токму затоа сака денот да го започне добро хидриран и смета дека тоа е една од наједноставните здрави навики што можеме да ги усвоиме.


Излезете надвор

Овој совет го опишува како свој омилен.

Тој објасни дека утринската сончева светлина влијае на специјални клетки во очите кои испраќаат сигнал до биолошкиот часовник во мозокот, со што се намалува лачењето на мелатонин и се усогласува циркадниот ритам.

„Луѓето кои се изложуваат на силна утринска светлина најчесто спијат подобро, имаат повеќе енергија во текот на денот, а дури и расположението им е подобро“, тврди тој.

Додава дека не е потребно долго да се остане надвор и дека понекогаш се доволни само 10 до 20 минути со утринското кафе.


Шетајте боси по трева

Д-р Кан вели дека не мисли на теории за електромагнетни полиња, туку на придобивките за стапалата и рамнотежата.

„Станува збор за стимулирање на илјадници нервни завршетоци во стапалата, проверка на рамнотежата, зајакнување на малите мускули на стапалата и глуждовите, но и за тоа малку да забавите и да се поврзете со природата уште на почетокот од денот“, објасни тој.


Слушајте го црцорењето на птиците

Според него, звуците од природата можат позитивно да влијаат врз менталното здравје.

„Истражувањата покажаа дека слушањето на цврцорење на птици и други природни звуци може да го намали стресот, да го подобри расположението, па дури и да ги ублажи чувствата на анксиозност и параноја“, истакна тој.

Додаде дека научниците сметаат дека ваквите звуци му испраќаат порака на нервниот систем дека сме безбедни.


Петпати полека вдишете

За крај, тој препорачува да направите пет бавни и длабоки вдишувања.

„Вдишете четири секунди, а издишете шест. Тоа го активира парасимпатичкиот нервен систем, односно системот задолжен за одмор и варење. Го забавува срцевиот ритам, го намалува нивото на хормоните на стресот и му испраќа сигнал на мозокот дека сте опуштени и безбедни“, објасни тој.

Тој истакна дека целата вежба трае помалку од една минута, а на крајот порача:

„Ништо од ова не чини пари. Ништо не продавам. Понекогаш најмоќниот лек не е нешто што можете да го купите, туку нешто на кое треба да се потсетиме – нешто за што нашите тела се создадени и што нашите предци го практикувале со векови.“