Ангелов за летните пожари: Оваа сезона сме подготвени како никогаш досега

Макфакс

16/07/2026

11:10

136

Големина на фонт

а а а

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека оваа година се подготвени на највисоко ниво за справување со летните пожари во земјата со обезбедени модерни средства и персонал, вклучувајќи ер трактори, специјални возила и пожарникарска опрема.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека оваа сезона Дирекцијата е подготвена како никогаш досега за справување со пожарите.

„Што се однесува до нашата подготвеност за справување со пожари, оваа сезона сме подготвени како никогаш досега. Поради опасноста од пожарите Владата оваа година благовремено прогласи кризна состојба уште од 1 јули со што на располагање ги имаме сите механизми на кризната состојба како што е непречено учество во справувањето со пожарите на Полицијата и Армијата но и на сите останати национални ресурси“, рече Ангелов.

Додаде дека после долги години за прв пат оваа година, уште од јуни, на располагање ДЗС има три функционални ер трактори со пилоти кои вчера и денес помагаат да се изгасне пожарот кај село Бајково во општината Ново Село.

„На располагање имаме и два полициски и еден армиски хеликоптер. ДЗС на располагање има 42 специјални противпожарни возила, поранешни армиски и полициски возила, кое наместо да скапуваат по армиските или полициските паркинзи и полигони или да завршат во отпад како старо железо, се пренаменија во извонредни противпожарни теренски возила. Со договор на дело ангажирани се и доволен број на поранешни искусни припадници на Полицијата и Армијата кои ќе управуваат со овие 22 пинцгауери, 15 БТР 80 и 5 хермелини со цистерни“, рече Ангелов.

Додаде дека на ниво на држава имаме околу 950 професионални пожарникари, 105 т.н. навални возила односно цистерни со моќни пумпи, 50 возила за гаснење на шумски пожари, 55 теренски возила со пумпи и 33 автоцистерни. Скопската БППЗ ставила во функција повеќе противпожарни возила кои, како што рече, лежеле по паркинзи поради ситни дефекти.

Ангелов кажа дека оваа година се набавени и 1.000 најсовремени противпожарни водни ранци и 1.000 противпожарни метли и дека противпожарните единици поседуваат голем број на лична заштитна униформа и друга противпожарна опрема.

Тој кажа дека како командант на силите за заштита и спасување иднината на гаснењето на летните пожари на отворен простор ја гледам во развој на доброволното пожарникарство.