На социјалните мрежи се шири нова снимка од нередот што го оставиле странските туристи по престојот во изнајмена вила во Хрватска, пишуваат локалните медиуми.
Откако пред неколку дена на социјалните мрежи кружеше снимка од целосно уништен стан во Новаља, на хрватскиот остров Паг, на интернет се шири уште едно видео кое предизвика бурни реакции.
Овој пат станува збор за вила на подрачјето на Задарската жупанија, која, според зборовите на сопственичката, група странски туристи ја оставиле во катастрофална состојба.
Видеото на својот профил на Тикток го објавила хрватската инфлуенсерка Вероника Баришиќ, чие семејство ја изнајмува вилата. Во видеото, Вероника покажала глетки кои повеќе личат на депонија отколку на луксузен туристички сместувачки капацитет: подовите се затрупани со работи, насекаде се расфрлени пластични шишиња, празни лименки пиво, амбалажа, облека и валкана постелнина, а ќесите полни со ѓубре се оставени на терасата.
„Ова е само дел од состојбата во која нè оставија Англичаните. Моите родители ја даваат вилата под наем и ова е вистинска катастрофа. Секогаш кога се случува ваква ситуација, речиси секогаш се вклучени Англичаните. Разбирам дека чистењето е дел од работата, но овој пат сè беше толку одвратно што е тешко да се опише“, рекла Вероника во видеото.
Таа додала дека подовите биле лепливи, а особено била згрозена од состојбата на тоалетите.
„Подовите се лепливи од истурено пиво, а да не зборувам за тоа што оставиле во дури три тоалети“, раскажала таа, истакнувајќи дека, според нејзиното искуство, со ваков вид немарност најчесто е дело на гостите од Британија.

Видеото за многу кратко време станало вирално и собрало повеќе од 1,2 милиони прегледи и повеќе од 45.000 „лајкови“, а во коментарите се развила жестока дискусија за однесувањето на некои туристи и предизвиците со кои се соочуваат приватните изнајмувачи. Многумина предложиле воведување задолжителен безбедносен депозит за покривање на трошоците за дополнително чистење и евентуална штета.
Многумина изразиле сочувство кон сопствениците на сместувањето, некои велејќи дека „не би имале храброст да даваат своја вила под наем“.











