Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт, најави дека Министерството го презема проектот за санација на свлечиштето на патот за Тефериџ во Кисела Вода и дека во наредната недела ќе биде распишан тендер за избор на изведувач со цел санацијата да се заврши пред зимата.
Санацијата на свлечиштето на патот за „Тефериџ” во Кисела Вода го презема Министерството и очекувам следната недела да распишеме тендер за санација и стабилизација, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
„Тоа е еден голем, исклучително сериозен проблем, имајќи предвид дека се работи за сериозно свлечиште. Гледате дека со автопатите, особено на Охрид – Кичево, стекнавме едно такво искуство. Проблематиката е далеку поголема од можностите и капацитетите коишто ги имаат општина Кисела Вода и Градот Скопје. Затоа, премиерот Мицкоски реализираше една координација на работна средба помеѓу нас, Општината и Градот. И овој вторник, на седница на Влада, донесовме одлука со којашто целокупниот проект го презема Министерството за транспорт“, рече тој.
Николоски додаде дека веќе има изработено проект за стабилизација и санација и очекува во најскоро можно време, а тоа е непосредно следната недела, да излезе тендерот за избор на изведувач.
„После кој, некаде за месец, месец и половина, кога ќе се избере изведувач, да можеме да работиме на санација и пред почетокот на зимата таа санација да биде завршена, така што целокупната проблематика ја презема Владата преку Министерството за транспорт”, истакна Николоски.







