[ФОТО] Лабрадорка колабирала на врвот на планина: Спасувачите ја спуштале на носилка, а потоа останале во шок кога откриле што за малку ќе ја чинело живот

Точка

14/07/2026

19:27

682

Големина на фонт

а а а

Кристина Блуам била на половина од искачувањето на највисоката планина во Обединетото Кралство минатиот викенд, кога нејзината црна лабрадорка по име Токио одеднаш го изгубила чувството во нозете, а потоа почнала и да ја губи свеста.

Таа веднаш повикала помош, по што планинската спасувачка служба Лохабер ја спуштила онесвестената кучка на носилка од врвот висок 1.345 метри до локален ветеринар. Во првите моменти никој не знаел што ја предизвикало нејзината здравствена состојба.

Сепак, Блуам објаснила дека кучето целосно закрепнало веќе следниот ден, а ветеринарите веруваат дека изело канабис што некој го оставил покрај планинската патека, пренесува „BBC“.

Мислела дека нејзиното милениче нема да преживее

Тренерката на кучиња од Ешер, во англиската грофовија Сари, го опиша ова искуство за време на патувањето во Шкотска како еден од најстрашните денови што некогаш ги доживеала, додавајќи дека во еден момент била убедена дека нејзината миленичка нема да преживее.

„Без неверојатниот тим на планинската спасувачка служба едноставно немаше да можам безбедно да ја симнам од планината. Носењето лабрадор тежок 25 килограми е дефинитивно надвор од моите можности“, изјави Блуам за „The Guardian“.

Таа додаде дека е неизмерно благодарна и на спасувачкиот тим, како и на ветеринарите, за нивната посветеност, сочувствителност и професионална грижа.

„Мал потсетник до сите сопственици на кучиња – имајте предвид дека фрлени дроги и други токсични супстанции понекогаш можат да се најдат дури и на најубавите места во природата. Тоа е нешто за кое никогаш не помислив дека би можело да ни се случи нам“, истакна Блуам.