Мигел Анхел Бланко: 48 часа што ја променија Шпанија

Точка

14/07/2026

07:49

1.091

Големина на фонт

а а а

Емотивен и потресен документарен филм за киднапирањето на Мигел Анхел Бланко, чие убиство го предизвика најголемиот граѓански отпор против ЕТА и стана симбол на шпанскиот отпор кон тероризмот.

Неописливо потресен, драматичен и истовремено колективно и лично болен документарец што ја истражува трагедијата на невиниот општински советник и локален тапанар, кого го киднапира терористичката организација ЕТА и поставува ултиматум до владата, семејството и граѓаните: доколку нивните барања не бидат исполнети во рок од 48 часа, заложникот ќе биде егзекутиран.

Во текот на тие 48 часа – од час во час – и гледачите речиси остануваат без здив. Напнатоста е неподнослива, стравот е огромен, а надежта дека ќе има среќен крај ја делиме со милионите солидарни и сочувствителни граѓани на Шпанија, кои масовно излегуваат на улиците барајќи ослободување на Мигел и спасување на животот на невиниот 29-годишен млад човек.

Наместо да попуштат пред терористите и да го исполнат нивниот ултиматум, граѓаните ширум Шпанија го претвораат стравот од ЕТА во национален граѓански отпор – трогателна, но и решителна историска пресвртница во начинот на кој државата се справува со терористичките закани.


Киднапирањето предизвикало невидена огорченост кај народот, неподнослива колективна вознемиреност, силна емпатија и гласен граѓански крик. Следувало масовно барање за ослободување на невиниот советник, но и повик за конечно уништување на крвавата терористичка организација ЕТА.

По деноноќните протести низ целата земја, бројните апели за ослободување на заложникот, долгите часови неизвесност, болните повици преку медиумите, интервенциите на највисоките државни инстанци и очајните молби на неговото семејство, рокот од 48 часа истекува.

Мигел е пронајден со прострелни рани во главата и веднаш е префрлен во болница, пред која стотици илјади луѓе во тишина и со солзи му даваат поддршка. Но, по неколку часа поминати во кома, тој ја губи битката за животот.


Со овој ужасен чин, ЕТА предизвикала силен национален бран на пркос и отпор кај шпанските граѓани, кој на крајот довел до уништување на оваа крвава баскиска терористичка организација.

Со својата дијаболична постапка, киднаперите несвесно го поттикнале конечниот и најсилен отпор против тероризмот. Милиони граѓани на Шпанија излегле на масовни протести, јавно изразувајќи поддршка за одлуката на владата да не попушти пред барањата на терористите, кои инсистирале во рок од 48 часа баскиските затвореници да бидат префрлени во затвори поблиску до Баскија.

Овој документарен филм комбинира архивски снимки и сведоштва на клучните личности од тоа време, реконструирајќи ги настаните буквално од час во час, кои засекогаш ја променија општествената клима во Шпанија.


Бездушниот егзекутор на Мигел бил осуден на неколку стотици години затвор не само за ова злосторство, туку и за бројни други злодела – меѓу кои и околу седумдесет убиства на невини луѓе, извршени од ЕТА под негово дијаболично водство.

И денес тој сè уште ја издржува казната во затвор, заедно со својата партнерка и другите членови на оваа злосторничка организација.

Мајката на Мигел, и покрај незамисливата болка, смогнала сила да изјави:

„Ако смртта на мојот син помогнала да се уништи ЕТА, тогаш нека биде така.“