Активни три пожари на отворено

Макфакс

25/07/2026

20:30

214

Големина на фонт

а а а

Во Македонија се регистрирани 12 пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден под контрола, а осум целосно изгаснати. Активните пожари се во општините Пробиштип, Куманово и Петровец.

До 18 часот денеска на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во атарот на селата Плешинци и Стрмош во Општина Пробиштип, каде што гори ниска вегетација, грмушки и ниска шума, во кумановското село Винце, каде што е зафатена сува трева, како и на потегот од Горно Коњари кон Винце во Општина Петровец, каде што огнот зафатил сува трева, грмушки и шума.

Под контрола е пожарот над депонијата во Росоман, на подрачјето на Општина Кавадарци, каде што горела сува трева.

Во меѓувреме, целосно се изгаснати осум пожари. Тие биле регистрирани меѓу селата Српци и Беранци во Општина Могила, кај Бојаџиина Чешма во Велес, кај „Генц Комерц“ и во селото Делогожда во Општина Струга, во селото Студеничани, во селото Неготино во Општина Врапчиште, кај Споменик-костурница во Куманово и на патниот правец од селото Миравци кон селото Петрово во Општина Гевгелија.