Со почетокот на Европското првенство У20 од елитната дивизија во Љубљана, повторно во фокусот се највпечатливите индивидуални достигнувања во историјата на ова натпреварување.
Еден од рекордите што и натаму останува недопрен е оној на македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски, кој веќе 26 години е сопственик на рекордот по број на постигнати поени на еден натпревар. Како што пренесува kos.mk, Илиевски во 2000 година постигна неверојатни 45 поени, остварување што до денес никој не успеал да го надмине.
Историскиот натпревар го одигра во последното коло од групната фаза против Литванија, на шампионатот што се одржа во Охрид. Македонија тогаш мораше да слави за да обезбеди место во четвртфиналето, додека Литванците веќе немаа резултатски притисок бидејќи однапред беа елиминирани.
И покрај блескавата партија на Илиевски, македонската репрезентација не успеа да стигне до победата. По драматична завршница, Литванија триумфираше со 85:82 и ги згасна надежите на Македонија за пласман во нокаут-фазата. Натпреварот остана запаметен по неверојатниот индивидуален учинок на Илиевски, кој по последниот судиски свиреж, видно разочаран, го напушти теренот во салата „Билјанини Извори“, додека публиката го испрати со громогласен аплауз.

Покрај Илиевски, дел од таа генерација беа и кошаркари како Чековски, Ристе Стефанов, Гоцевски, Димитровски, Тасовски, Ѓуров, Грнчаров и други, кои подоцна оставија значаен белег во македонската кошарка.
Интересно е што 11 години подоцна, Илиевски повторно ја имаше Литванија како противник во еден од најважните моменти од својата кариера. Во четвртфиналето на Европското првенство за сениори во Каунас, токму неговата тројка во самиот финиш ѝ донесе на Македонија историски пласман меѓу четирите најдобри репрезентации во Европа, што останува едно од најголемите достигнувања во историјата на македонската кошарка.









