Обновена билатералната соработка меѓу уставните судови на Северна Македонија и Србија по 15 години

Макфакс

10/07/2026

18:05

171

Големина на фонт

а а а

По 15 години е обновена билатералната соработка помеѓу уставните судови на Северна Македонија и Србија преку потпишување Меморандум за разбирање и стручен разговор за владеењето на правото и извршувањето на судските одлуки.

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот, Дарко Костадиновски, судиите Добрила Кацарска, Осман Кадриу, Ана Павловска-Данева и самостојниот советник и шеф на протоколот Симона Герасимова-Јовановска, на 9 и 10 јули престојува во билатерална посета во Уставниот суд на Република Србија.

Во рамки на посетата, претседателите Костадиновски и Петров потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка меѓу Уставниот суд на Република Србија и Уставниот суд на Република Северна Македонија, по што беше одржан и стручен разговор меѓу членовите на делегациите на тема „Извршување на одлуките на Уставниот суд“.

Со оваа посета, по речиси 15 години, е обновена билатералната соработка меѓу уставните судови на Република Србија и Република Северна Македонија и е отворено ново поглавје во меѓусебната институционална соработка.

Костадиновски, се заблагодари за гостопримството и, меѓу другото, истакна дека уставните судови имаат исклучително важна улога, бидејќи нема ништо повредно од заштитата на човековите права и слободи.

„Ваквите средби се можност да ги размениме нашите драгоцени искуства и да разговараме за бројни теми што можат да бидат од корист за двата суда“, рече Костадиновски, запознавајќи ги учесниците на средбата и со надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Во своето воведно обраќање, претседателот на Уставниот суд на Република Србија, Петров, меѓу другото, ја истакна неопходноста двете соседни држави, поврзани со историја и култура, институционално и редовно да соработуваат во областа која, покрај економијата, е најважна за животот на граѓаните – владеењето на правото.

„Ќе се согласите дека нашите две институции се во одредена мера поодговорни од која било политичка институција или поединечен политичар за јакнењето и унапредувањето на владеењето на правото не само фундаментално, туку и животно начело на современата уставна демократија“, рече Петров.

Тој додаде дека се надева оти конечно е научена лекцијата дека владеењето на правото не е збир на апстрактни принципи и вредности, ниту нормативна конструкција создадена одозгора или однадвор, туку систем на темелни принципи и вредности што се гради однатре преку правно засновани и добро образложени судски одлуки, особено на уставните судови, и однадвор преку континуиран институционален дијалог, од кој особено значаен е оној што се остварува меѓу уставните судови.

Како што нагласи, владеењето на правото се остварува и преку градење и зајакнување на довербата на граѓаните во уставните судови и другите правосудни институции и мора да се темели на внимателен баланс меѓу правото и политиката, кој не е можен без посредување, односно модерирање од страна на правната наука.

Потпишувањето на Протоколот претставува значаен чекор во натамошното институционално поврзување на двата уставни суда и создава основа за поинтензивна размена на знаења, искуства и добри практики, преку реализација на заеднички активности од областа на уставното судство.