Во близина на село Рача се случи сообраќајна несреќа помеѓу два автомобила на патот Охрид-Св. Наум, при што тројца лица се повредени, а на возачот Љ.Ј. му е пронајдена голема количина на алкохол во крвта.
Вчера во 19:15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на регионалниот пат Охрид-Св. Наум, во близина на охридското село Рача, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Љ.Ј.(48) од Охрид и патничко возило „форд“ со охридски регистарски ознаки, управуван од Г.П.(59) од Охрид.
Притоа, со тешки телесни повреди се здобил Љ.Ј., констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, додека кај Г.П. и сопатничката С.П.(57) од Охрид, биле констатирани телесни повреди.
По преземени мерки, кај Љ.Ј. е констатирано дека имал 1,80 промили алкохол во крвта и по наредба на јавен обвинител, неговото возило е одземено.
Увид на местото извршија полициски екипи и по целосно документирање на настанот, против Љ.Ј. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.







