Легендите остануваат во Аеродром: Браќата Стојановски ги продолжија договорите со МЗТ Скопје

Дерби

10/07/2026

12:48

126

Големина на фонт

а а а

Тимот кој победува не се менува, а тоа е фраза која со години наназад е поврзана за браќата Стојановски, легендите на МЗТ Скопје кои и во иднина ќе ги гледаме во бело-синиот табор.

Македонскиот првак денеска излезе со официјална информација за милениците меѓу фановите, односно ја извести јавноста дека Војдан и Дамјан и во иднина ќе го носат дресот на аеродромската гордост.

– Легендите остануваат во Аеродром! Обновувањето на соработката со Дамјан и Војдан Стојановски беше еден од главните приоритети на управата во пресрет на новата сезона – задача што успешно ја реализиравме на голема радост на армијата навивачи на гордоста на Аеродром.

– За капитенот Дамјан ова ќе биде 14. сезона во сино-белиот дрес, во која ќе атакува на својата 12-та шампионска титула – сите освоени со МЗТ Скопје. Пред Војдан, пак, е шестата сезона во нашиот клуб, откако првпат ни се приклучи на почетокот на 2022 година. Продолжувањето на соработката со браќата Стојановски е уште една потврда на нашата клупска определба тимот да биде предводен од (нај)квалитетните македонски кошаркари. Претходно, во клубот се врати репрезентативецот Лука Стојановски, а беше ангажиран и талентираниот босански интернационалец, Емир Крајиниќ.

– Актуелен договор со МЗТ Скопје имаат уште Андреј Андоноски и Марин Петков, со што полека почнуваме да го пополнуваме ростерот за предизвиците што нѐ очекуваат во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и во – ФИБА Еврокупот. Продолжуваме силно и амбициозно, – порачаа „штрковите“.