Левица: Владата подготвува концесии за четири нови рудници

Макфакс

09/07/2026

16:40

167

Големина на фонт

а а а

Левица ја изразува својата загриженост од планираното отворање на четири нови рудници во Македонија, истакнувајќи дека ова претставува ризик за животната средина, здравјето на граѓаните и иднината на државата, и бара мораториум и поголема транспарентност и контрола од страна на властите.

Планираното отворање на четири нови рудници за бакар и злато покажува дека Владата продолжува да ја турка Македонија кон модел на рударска експлоатација на штета на животната средина, здравјето на граѓаните и иднината на државата. Наместо да ги расчисти последиците од децениското загадување и да ги заштити природните богатства, Владата отвора простор за нови еколошки катастрофи, реагираат од Левица.

Станува збор за, како што посочуваат, рудници на локалитетите Кадиица кај Пехчево, Иловица-Штука во општина Босилово, како и во околината на Пробиштип и Кратово.

„Според достапните информации, овие проекти се во напредна фаза на подготовка, а инвеститорите веќе работат на нивно отворање. Особено загрижува фактот што ваквите најави доаѓаат во момент кога Република Македонија веќе има бројни докази за катастрофалните последици што рударството и металургијата ги оставаат врз животната средина и здравјето на населението“.

Научните истражувања, нагласуваат од Левица, недвосмислено покажуваат дека најзагадените региони во Македонија се токму оние каде што со децении се одвивало рударство и металургија.

„Велес, каде и повеќе од две децении по затворањето на Топилницата почвите и воздухот остануваат загадени со тешки метали, како и Пробиштип, Скопје и Битола, се јасен доказ дека последиците од рударството не завршуваат со затворањето на рудниците, туку ги чувствуваат генерации граѓани.

Иако Законот за минерални суровини предвидува јасни обврски за концесионерите, нивната примена во пракса останува повеќе од сомнителна. Законот бара задолжителни студии за оцена на влијанието врз животната средина, планови за управување со отпад, рекултивација на земјиштето, финансиски гаранции за покривање на евентуалните штети и почитување на сите мерки за заштита на животната средина. Но, реалноста покажува дека со алчна власт, овие законски гаранции често остануваат мртво слово на хартија“.

Дополнителна загриженост, според партијата, предизвикува можната употреба на цијанид и арсен во рударските процеси.

„Искуството од Лојане кај Куманово, каде депониите со висока концентрација на арсен со години претставуваат закана за почвите, подземните води и воздухот, покажува колку сериозни можат да бидат последиците кога државата нема контрола врз ваквите проекти“.

Затоа, Левица бара Владата веднаш да донесе мораториум за издавање нови концесии и за сите постапки поврзани со планираните рудници.

Бараат Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и надлежните инспекциски служби јавно да ги објават сите студии за оцена на влијанието врз животната средина, плановите за управување со отпад, финансиските гаранции и целокупната документација поврзана со планираните рудници, како и да обезбедат целосно учество на јавноста во постапките.

Левица бара и Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи да ги испитаат сите сомнителни постапки за доделување рударски концесии, особено оние за кои постои сомневање дека биле доделувани спротивно на законските одредби.

Левица, додаваат од партијата, нема да дозволи Владата зад затворени врати да ја распродава природата.

„Ќе ги искористиме сите политички, институционални и правни механизми за да го спречиме отворањето на нови рудници што претставуваат закана за животната средина и здравјето на граѓаните. Велес, Пробиштип, Скопје и Битола се жив доказ дека еколошките и здравствените последици од рударството ги надминуваат минорните, краткорочни економски придобивки“.