[ФОТО/ВИДЕО] „Живеам со последиците“ : Со својот син побегнала во Сирија и станала членка на терористичка група, а кога сфатила дека направила грешка – се случил хаос

Точка

09/07/2026

10:08

741

Големина на фонт

а а а

Првата и единствена Британка прогласена за виновна за приклучување кон Исламската држава, осудена како терористка на шест години затвор, Тарина Шакил, денес е инфлуенсерка.

Имено, денес 37-годишната Шакил во 2014 година побегнала од Велика Британија со својот малолетен син и отпатувала во воено разурнатата Сирија за да ѝ се приклучи на терористичката организација, надевајќи се дека момчето еден ден ќе извршува злосторства, пишува „Дејли мејл“. Тогаш на Фејсбук објавувала вознемирувачки фотографии од својот син кој носи фантомка со ознаките на Исламската држава, како и други на кои позира со автоматска пушка „калашников“ и пиштол покрај знамето на терористичката група.


Уапсена по враќањето

Не останала долго во Сирија и побегнала. По враќањето во Велика Британија била уапсена, а пред судот изјавила дека сфатила оти „направила грешка“. Следувало судење, при што било утврдено дека ја лажела полицијата за време на испрашувањето, а некои од нејзините објави на социјалните мрежи ги поттикнувале и другите да го направат истото. Во 2016 година била осудена на шест години затвор поради приклучување кон ИСИС и поттикнување терористички дејствија преку социјалните мрежи.

Сега почнала да ги користи социјалните мрежи на сосема поинаков начин. Шакил, која поради својата љубов кон популарните ријалити емисии го добила прекарот „Тауи џихадистка“, денес е инфлуенсерка која патува низ целиот свет. На својот профил на ТикТок има речиси 50.000 следбеници и повеќе од пет милиони лајкови.

На својот Инстаграм позира во низа гламурозни модни комбинации, а според нејзините објави може да се заклучи дека за Божиќ била во Париз, пробувала луксузна облека во продавница на „Шанел“, се возела со балон над пустински пејзаж и веслала во друштво на слонови на приватна плажа во Тајланд. Меѓу дестинациите што ги посетила се и Италија, Романија, Египет, Амстердам и Албанија.


Шакил објавува видеа што најчесто содржат совети за тоа како да се пронајде „сродната душа“, под слоганот: „Тука сте безбедни, девојки“. Иако моментално нема партнер, таа објаснува што треба да направат жените за да го пронајдат вистинскиот, во кратки видеа што често ги снима од внатрешноста на бел спортски „Ауди ТТ“. На Јутјуб, пак, објавува подолги видеа посветени на позитивниот начин на размислување и споделувањето на својот „начин на размислување за успех“.

Страшните моменти ја промениле

Во едно од своите најнови видеа, Шакил им кажала на своите следбеници дека развила силен карактер и отпорност откако ги надминала „страшните моменти во својот живот“. Иако не го споменала своето минато во терористичката група, таа рекла:

„Потребни ви се тешки периоди, луѓе, плачење пред да заспиете навечер. Кога ќе поминете низ такви работи, ќе се изградите во најдобрата верзија од себе. Не постои ситуација што животот може да ми ја наметне, а да ме совлада. Апсолутно не. Не постои личност што би можела да ја запознаам, а да ме натера да чувствувам дека морам да го правам тоа што таа го кажува. Никој никогаш не може да има предност над мене. Не правам работи што не сакам да ги правам. Знам како да се извлечам од ситуации во кои се чувствувам непријатно. Млада жена сум што живее сама. Живеам сама во голем град и морам да ги имам тие вештини.

„ Огнена жена како мене, самоуверена жена како мене – ние не сме родени такви. Апсолутно не. Ваква сум поради многуте трауми што ми се случија во животот. Исклучително сум самоуверена“, додала таа.

Шакил е родена од мајка Британка, Менди, и татко Мухамед, со пакистанско потекло. Пораснала во Стафордшир со родителите, двајцата помали браќа и сестрата. Нејзината мајка претходно раскажала дека Шакил имала западен начин на воспитување: во својата соба учела танцови кореографии по песните на „Спајс Грлс“, гледала телевизиски серии и работела во супермаркетот „Морисонс“ секоја сабота за да заработи пари за облека и шминка.

„Можеше да излегува со пријателките и да останува надвор до доцна. Единственото што го сакавме беше да знае што е добро, а што лошо и да има добро срце. Ѝ дадовме слобода да ужива во детството и нè направи горди. Беше добро девојче. Никогаш не ни создаваше проблеми“, изјавила еднаш нејзината мајка.

Студирала психологија, но се откажала од факултетот и го искористила студентскиот кредит за финансирање на својата погрешна мисија во Исламската држава. Во втората година од студиите го запознала фризерот чии родители емигрирале во Велика Британија, а подоцна се омажила за него. Го напуштила универзитетот за да „стане добра сопруга“ и набрзо останала бремена.

Шакил тврдела дека врската станала насилна и дека тајно започнала да го планира патувањето во Сирија, бидејќи „барала сигурност и мир во Исламската држава“, каде што немало алкохол и дрога. На 24 години, на своето семејство му кажала дека го носи 14-месечниот син на одмор во Турција, но припадници на Исламската држава ја одвеле на тајно патување од Турција во Сирија.


Таму била префрлена во упориштето на терористичката организација во Рака, каде требало идеолошки да се подготвува како потенцијална џихадистичка невеста. Кога пристигнала, им испратила порака на пријателите во која напишала дека нејзина „одговорност како муслиманка е да ги убива отпадниците“ и дека сака „да умре како маченичка и да спроведува џихад“.

Кога сфатила дека реалноста не е онаква каква што замислувала, само неколку недели подоцна со неовластено такси се упатила кон турската граница, каде што претрчала преку отворен терен и ја прескокнала бодликавата жица. Била уапсена на аеродромот „Хитроу“ во февруари 2015 година, а откако одлежала половина од казната, од затвор била пуштена во 2018 година.


Шакил подоцна раскажала дека се срами од своите постапки и дека поминала низ долг процес на дерадикализација. Таа изјавила:

„Жалам за сè во врска со мојата одлука да побегнам во Сирија со моето дете. Секој ден живеам со последиците од тоа.“