Во Основниот суд во Куманово започна судењето на 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за серија тешки кривични дела, меѓу кои четири убиства и два обида за убиство на повозрасни жени во кумановскиот регион.
Обвинетиот во судницата беше спроведен од полициски службеници со лисици на рацете. Додека медиумите го снимаа неговото пристигнување, Бојковски се клацкаше на столицата и гледаше кон плафонот, без да реагира на присуството на јавноста.
На почетокот од денешното судење Бојковски не му одговори на судијата ниту како се вика, ниту го погледна, по што беше побарана 10-минутна пауза. Со фиксиран поглед кон таванот, тој почна да се смее и не одговараше, но по паузата го потврди својот идентитет. Неговиот адвокат Драган Трајковиќ изјави дека неговиот клиент се исплашил од камерите и големиот број присутни во судницата на почетокот на судењето.
Основното јавно обвинителство Куманово претходно поднесе обвинителен акт против него, со кој го товари за едно кривично дело убиство и повеќе кривични дела од истиот квалификуван облик, како и за два обида за убиство. Според обвинението, бидејќи со умисла лишил од живот повеќе лица, му се заканува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Обвинителот Љубомир Лапе истакна дека Јавното обвинителство се соочило со случај без преседан во домашната судска практика.
Обвинителството во текот на постапката, рече Лапе, ќе докаже дека обвинетиот Трајче Бојковски од други ниски побуди со умисла лишил од живот 4 жени и се обидел да лиши од живот две жени. Во оваа смисла ЈО ќе изведе голем број докази од кои ќе се утврдат сите битни факти и елементи на кривичните дела.
Тој додаде дека доказите ќе ја потврдат вината на обвинетиот и начинот на кој биле извршени делата.
„Од судско-психијатриското вештачење во корелација со обдукциските наоди на Институтот за судска медицина Скопје ќе се утврдат посебните мотиви кои постоеле и биле движечка сила обвинетиот да ги стори кривичните дела а воедно ќе бидат испитани и преживеаните жртви од кривичните дела убиство во обид, а од кои сите докази како една доказна целина, на несомнен начин ќе се утврди дека Трајче со намера да ги задоволи своите полови страсти кон мртви женски тела искористувајќи ги околностите кои од претходно му биле познати, дека покојните биле сами, немоќни, најчесто биле стари и заспани, влегувал во нивните куќи и физички ги напаѓал, ги удирал и ги давел, па откако ќе ги усмртел, со својот полов орган извршувал пенетрација во половиот орган на сега веќе покојните жртви. Во конкретниот случај, сметам дека правната квалификација е соодветна со оглед дека и покрај во дејствијата на обвинетиот се содржани повеќе квалификаторни елементи, сепак, некрофилијата е доминантен мотив во извршувањето на кривичните дела“, рече обвинителот Лапе.
Според обвинението, првото убиство било извршено ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, каде обвинетиот усмртил повозрасна и немоќна жена во нејзиниот дом. Во периодот меѓу 5 и 7 јуни 2025 година, во селото Драгоманце, на сличен начин лишил од живот уште една жена.
Обвинителството го товари и дека на 22 јули 2025 година во селото Челопек се обидел да убие жена, но избегал откако таа почнала да го повикува својот син.

Во обвинението се наведува дека меѓу 17 и 18 јануари 2026 година во Старо Нагоричане убил уште една жена, а меѓу 5 и 6 февруари 2026 година во Челопек усмртил уште една повозрасна и немоќна жена.
Последниот случај, според Обвинителството, е од 9 февруари 2026 година, кога во Челопек повторно се обидел да лиши од живот жена, но се откажал и побегнал откако слушнал звук.
Во текот на истрагата, за дел од случаите насилната природа на смртта морала да се докажува со ексхумација на телата, откако претходно биле погребани како лица кои починале од природна смрт.
Семејствата на четирите убиени жени се приклучија кон кривичниот прогон што го води Јавното обвинителство.
Адвокатот на Бојковски, Драган Трајковиќ, на почетокот му најавил на судот дека неговиот клиент ќе ја признае вината за сите дела, но тоа подоцна не се случило, бидејќи Бојковски изјавил дека не се чувствува виновен.















