Од редовно вежбање и строго контролирана исхрана, до бројни суплементи и здрави животни навики – многу луѓе се подготвени да направат речиси сè за да си го продолжат животот. Сепак, едно ново истражување покажува дека најголемиот дел од одговорот на прашањето зошто некои луѓе доживуваат длабока старост можеби е запишан токму во нашата ДНК.
Досегашните научни студии укажуваа дека само 10 до 30 проценти од долговечноста може да се припишат на генетиката, додека се сметаше дека остатокот зависи од болестите, животот во загадена средина, несреќите и нездравите животни навики, како што се неправилната исхрана, пушењето и физичката неактивност.
Но, новата студија на Универзитетот во Копенхаген носи поинаква слика. Според пресметките на истражувачите, дури околу 55 проценти од разликите во животниот век може да се објаснат со генетските фактори.
„Ако животниот век во голема мера е одреден од генетиката, тогаш можноста за влијание врз стапката на стареење е ограничена, особено кога станува збор за интервенции поврзани со начинот на живот“, истакнаа коавторите на студијата Даниела Бакула и Мортен Шајбје-Кнудсен.
„Од друга страна, ако генетскиот придонес е минимален, тогаш тешко е да се оправдаат напорите стареењето да се разбере преку генетски пристапи“, додаваат тие.

Досегашните податоци – застарени
Просечниот животен век во Европа значително се продолжил во текот на последните неколку векови, благодарение на напредокот на медицината, подобрата здравствена заштита и поквалитетните услови за живот.
Според најновите податоци на британската Национална служба за статистика („ONS“), очекуваниот здрав животен век на мажите при раѓање во Англија, за периодот од 2021 до 2023 година, изнесува 61,5 години. Кај жените овој показател е нешто повисок и изнесува 61,9 години.
Во обид да откријат зошто некои луѓе живеат значително подолго од другите, истражувачите од Универзитетот во Копенхаген ги анализирале досегашните научни истражувања за близнаци.
Како што објаснуваат, многу од претходните студии се потпирале на податоци стари и по неколку стотици години, од период кога заразните болести биле многу почести, здравствената заштита значително послаба, а квалитетот на собраните податоци бил дискутабилен.
Поради тоа, данските научници се фокусирале на посовремени податоци. Анализата на студиите за близнаци покажала дека, кога ќе се намали бројот на смртни случаи предизвикани од надворешни фактори, како што се несреќи или заразни болести, улогата на генетиката во одредувањето на животниот век станува значително поизразена.

Следниот чекор – проучување на гените на најдолговечните луѓе
Во придружниот научен коментар, истражувачите нагласуваат дека нивните откритија имаат важни последици и за науката и за општеството.
„Разјаснувањето на улогата на наследните генетски варијации во смртноста поврзана со стареењето е од суштинско значење и за биолошкото разбирање на процесот на стареење и за општествените очекувања“, наведуваат авторите.
Научниците сметаат дека следниот чекор треба да биде подетално проучување на гените кај луѓето кои достигнуваат исклучително длабока старост, со цел да се утврди кои генетски варијанти придонесуваат за долговечноста.
Целта е да се идентификуваат гените што влијаат врз клучните биолошки процеси поврзани со стареењето, како што се обновувањето на клетките, поправката на оштетувањата на ДНК, функционирањето на имунолошкиот систем и метаболизмот.
Ваквите сознанија би можеле да ја отворат вратата за развој на нови терапии, кои ќе им овозможат на луѓето подолго да останат здрави, витални и активни.














