Пјерлуиџи Колина како шеф на ФИФА судиите е задолжен за заштита на своите членови кои носат најважни одлуки на Светското првенство, а последен под лупа на јавноста се најде Французинот Франсоа Летексие кој ја делеше правдата на мечот меѓу Аргентина и Египет.
Африканските фудбалери и цела египетска експедиција останаа огорчени од Летексие и луѓето во ВАР собата поради двете ситуации кои беа досудени во корист на Аргентина, односно поништениот гол на Зико поради фаул над Мартинез, како и непроверувањето на акцијата по која Салах бараше прекршок, а која на крајот заврши со гол на Енцо Фернандез за 3:2.
Овие две ситуации ги преплавија насловните страни на светските медиуми во изминатите 48 часа, па поради тоа, Колина реши да излезе со објаснување на двата моменти и го проследи ставот на судиското тело на ФИФА.
– После секој постигнат гол, ВАР ја проверува секоја фаза од напаѓачкиот посед. Ако во изградбата на акцијата има прекршок кој влијаел врз голот, ВАР препорачува преглед на снимката за главниот судија. Не постои дефинирано прави во однос на оддалеченоста од голот, ниту во поглед на времето кога се случил инцидентот и моментот кога е постигнат гол. Египќанецот Марван Атија го згазна Лисандро Мартинез во акцијата за поништениот гол, а прекршок си е прекршок. Без оглед на тоа дали прекршокот е очигледен, или не, ако судијата не го видел тоа на теренот, ВАР може да интервенира, – вели Колина, кој смета дека судиите донеле добра проценка и за втората ситуација кога Аргентина постигна гол за 3:2.
– Ако во изградбата на акцијата не се утврди прекршок, ВАР го известува судијата за тоа. Нагазнувањето на нога е прекршок, додека дефанзивецот кој прв доаѓа до топка, а потоа режира нормален фудбалски контакт не е ситуација за прекршок, – објаснува Колина.











