Градоначалникот Горан Герасимовски изврши увид во санацијата на инфраструктурата во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Општина Центар, каде се работи на подобрување на условите за учење, работа и спорт. Во првата фаза се поставува нова фекална мрежа, се реконструира санитарниот јазол, соблекувалните и се планира реконструкција на кровот и училниците, со што се обезбедува посовремена и функционална училишна средина.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за санација на инфраструктурата во ООУ „Димитар Миладинов“, со што ќе се подобрат условите за учење, работа и спортување во училиштето.
Во првата фаза се изведува нова фекална мрежа, одвоена од атмосферската, со што се решава долгогодишниот проблем со затнување и прелевање на шахтите. Воедно, се реконструира санитарниот јазол до фискултурната сала, каде се заменуваат старите водоводни и одводни цевки и се поставуваат нови санитарии.

Се реновираат машката и женската соблекувална, со поставување нова подна подлога и плочки, а просторот дополнително се освежува со молерисување и уредување.

„Во летниот период, локалната самоуправа планира санации во повеќе училишта на своја територија, а во овој објект веќе се реализираат неопходни инфраструктурни зафати. Санацијата на канализационата мрежа во овој објект беше неопходна за да се реши долгогодишниот проблем“, посочи Герасимовски.

Покрај тековните активности, во план е и реконструкција на кровот, како и санација на училниците на третиот кат и просторијата за наставниците, каде има протекувања.

Со овие вложувања, Општина Центар продолжува со уредување и зајакнување на училишната инфраструктура, со цел да обезбеди пофункционална и посовремена средина за учениците и вработените.















