[ВИДЕО] Манасиевски: СДС, Левица и ДУИ прво нека се договорат меѓу себе што сакаат од Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за разговор

Макфакс

08/07/2026

11:50

146

Големина на фонт

а а а

Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, повикува СДС, Левица и ДУИ прво да постигнат договор за Изборниот законик, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да прифати се што тие ќе побараат, особено за гласањето на дијаспората по електронски пат или по пошта.

СДС, Левица и ДУИ прво нека се договорат меѓу себе што сакаат од Изборниот законик, а ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати се што ќе побараат, само дијаспората да гласа по електронски пат или по пошта, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонксата јавност, вели тој, е сведок на целосна политичка конфузија од страна на СДС, Левица и ДУИ во однос на новиот Изборен законик.

„Не може еден ден да се договараат, а следниот ден да го блокираат истиот закон кој веќе бил договорен. Не може во јавноста да пласираат различни тези, а зад затворени врати да преговараат за сосема други прашања.

Затоа ги повикуваме најпрво да се договорат меѓу себе. Да седнат да се договорат за една изборна единица, да седнат да се договорат за модел на финансирање, да седнат да се договорат за поплаките и начинот на којшто тие би биле прифатливи и конечно, да седнат и да се договорат дури и за моделот за изјаснување на дијаспората. Сето тоа коешто овие опозициски партии ќе го понудат до нас, ние тоа ќе го прифатиме.“

ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Манасиевски, нема проблем да разговара за секое прашање што е важно за унапредување на политичкиот систем, за продолжување на реформите, за европската интеграција на државата и за интересите на сите граѓани.

„Нашата определба е дијалог, а не блокади.

Изборниот законик не смее да биде жртва на дневнополитички калкулации. Доколку СДС, Левица и ДУИ изградат единствен став и покажат искрена волја за договор, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш да седне на маса и да разговара во интерес на државата и на сите нејзини граѓани“.