[ВИДЕО] Кузеска: Владата ги излажа пациентите – лекот „Фостер“ поскапе, бесплатениот го нема во аптеки

Макфакс

08/07/2026

12:50

229

Големина на фонт

а а а

Богданка Кузеска од СДСМ обвинува дека Владата на Мицкоски ги излажа пациентите кои зависат од лекот „Фостер“, откако неговата цена значително поскапе, а бесплатниот генерички лек го нема во аптеките. Ситуацијата доведува до сериозни ризици за здравјето на пациентите со астма и хронични белодробни болести.

Владата на Мицкоски ги изигра и ги излажа пациентите кои боледуваат од астма и хронична опструктивна белодробна болест, кажа денеска Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Прво, Фондот за здравствено осигурување ја зголеми цената на лекот „Фостер“ од околу 300 на 1.080 денари.

Во оваа сиромаштија во која ВМРО ги доведе граѓаните, многу пациенти едноставно немаат можност да издвојат уште 780 денари плус за терапија без која не можат нормално да живеат.

Фондот им вети на пациентите бесплатен генерички лек како замена за лекот „Фостер“. А, сега ниту тој генерички лек кој на рецепт е бесплатен, според информациите кои стигнаа до нас, се уште го нема во аптеките“.

Ова, додава таа, е бесрамно поигрување со здравјето на хронично болни пацинети чие здравје зависи од овој лек.

„Тотален хаос, негрижа и неодговорност!

Ова не е лек што може да почека. За пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), тоа е секојдневна терапија без која болеста може сериозно да се влоши.

Овие пацинети зависат од редовната терапија, и секое нередовно земање на лекот може сериозно да го влоши нивното здравје.

Кој ќе понесе одговорност тогаш?“

Според неа, ова не е првпат граѓаните да останат без неопходна терапија.

Минатата година, потсети таа, онколошките пациенти беа оставени без биолошка терапија.

„И најиронично е што човекот кој направи хаос во Фондот за здравство- Мицкоски го награди со министерска за функција и тоа повторно во ресорот здравство.

После две години од ВМРО на власт, се случува распад на здравствениот систем кој не може да го заштити она што е највредно – здравјето на граѓаните.

Наместо функционален здравствен систем, имаме систем во кој пациентите секојдневно стравуваат дали ќе ја добијат терапијата што им го спасува здравјето“.

СДСМ, нагласи Кузеска, бара одговорност и преземање итно мерки за обезбедување непречена достапност на терапијата за сите пациенти.

Здравјето, како што рече, не смее да биде жртва на оваа, како што ја нарече, расипничка Влада, која толку го испразни буџетот за својот луксуз и тендери, што сега цената ја плаќаат граѓаните.

„Престанете да си поигрувате со здравјето на луѓето.

Граѓаните заслужуваат здравствен систем што ќе се грижи за нив, а не власт која од ден на ден им го отежнува лекувањето и им го загрозува животот“.