[ВИДЕО] Иванов: Македонија клучна транспортна крстосница на Балканот се остварува, интензивно се работи на автопатите

Макфакс

08/07/2026

12:10

148

Големина на фонт

а а а

Во оваа изјава Душко Иванов потенцира дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ остварува стратегиска цел Македонија да стане клучна транспортна крстосница на Балканот преку интензивна изградба на автопатишта и инфраструктурни проекти.

Со посветена работа од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се остварува стратешката визија Македонија да стане клучна транспортна крстосница на Балканот, истакна на прес-конференција, Душко Иванов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Градежен бум

„Како никогаш до сега во поновата историја на државата се случува голем бум на градежништво, како еден од главните драјвери на економскиот развој, се градат патишта, автопатишта, експресни патиштата.

Тоа го потврдуваат и од последните податоци на Државниот завод за статистика, кои велат дека за месец април имаме исклучително висок степен на реализација на капитални проекти што е за речиси една третина подобар за истиот месец од лани“.

Интензивна работа на Владата

Ваквиот градежен бум, додава тој, се должи на две години интензивна, посветена и макотрпна работа на Владата за изнаоѓање на решенија, решавање на наследени и тековни проблеми, инвестиции кои ја развиваат економијата и го подобруваат животот на сите граѓани во Република Македонија.

Потсети дека интензивно се работи на завршување на останатиот дел од автопатот Кичево-Охрид, од кој 37 километри се пуштени во употреба и граѓаните веќе ги користат.

Нов автопат и поврзување

Следниот месец, дополни тој, почнува изградбата на автопатот Скопје-Блаце, со што, како што рече, веќе се обезбедени средства, избрани се консултантот и изведувачот, кој Македонија ќе ја поврзе со Косово и со пристаништата во Албанија и во Црна Гора.

Прогрес на Коридорите

„Сериозен прогрес на градежните работи има и на автопатиштата од Коридорот 8 и 10Д. Со изведувачот е постигната нова динамика за изградба на автопатиштата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола. Забрзани се постапките за експропријација и решени се преку 2500 постапки, остануваат уште мал број на постапки да се дорешат.

Се поништи одлуката на претходната Влада за изградба на тунел на трасата Гостивар-Букојчани со што заштедени се 252 милиони евра во Буџетот, додека на делницата Прилеп-Битола веќе од следната година очекуваме да се вози по едната лента.

Експресни патишта

Тука се и експресните патишта Кочани-Виница-Делчево и Струмица-Радовиш за кои почнаа подготовките за нивна изградба. Тоа се проекти кои со години се ветувани и никој до сега, ниедна власт не направи ништо за изградба на овие патишта.

Кога сме кај експресните патишта не смееме да ги заборавиме Градско-Фариш и Страцин-Крива Паланка кој е дел од Коридорот 8, кои по долги години застој, Владата на ВМРО-ДПМНЕ целосно ги заврши и ги пушти во употреба“.

Целна визија

Според Иванов, се инвестира и се гради во секој дел од државата, со крајна цел, исполнување на стратешката визија Македонија да стане клучна транспортна крстосница на Балканот.