Македонија успешно ја заврши првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029, фаза во која забележавме победи во сите шест натпревари.
Селекторот Жозеп Марија Берокал се соочи со доста кадровски проблени, но успеа со оние играчи кои ги имаше на располагање да ја оствари целта.
- Ни недостигаа неколку важни играчи, особено на бековските и центарските позиции, но секогаш мораме да се фокусираме на оние што ги имаме на располагање. Играчите кои настапија одговорија на задачите и тоа е најважно, – изјави Шпанецот.
Селекторот нагласи дека во периодот до следниот репрезентативен собир најголемата одговорност ќе биде кај самите играчи, имајќи предвид дека подготовките за втората рунда ќе бидат значително пократки.
- Сега сè зависи од самите играчи. До следниот собир тие мора индивидуално да работат и да дојдат максимално подготвени, бидејќи овојпат нема да имаме три недели подготовки, туку само седум или осум дена. Затоа е важно секој да ја одржи формата во текот на летото и подготвен да се приклучи на репрезентацијата.
Берокал е свесен дека во следната фаза Македонија ќе се соочи со поквалитетни противници, но смета дека успешниот настап во првиот циклус претставува добра основа врз која може да се надградува играта на националниот тим.
- Нè очекуваат многу потешки натпревари, но сега треба да уживаме во оваа победа и во успешниот циклус. Потоа следува работа – да ги имаме на располагање најдобрите можни играчи и сите да бидат подготвени за новите предизвици.“
На крајот, селекторот потенцираше дека во неговата филозофија најважен е колективот, а не индивидуалниот придонес, осврнувајќи се и на настапите на дебитантите Нејт Сестина и Ди-Џеј Стјуард.
- Не е важно кој игра. Кога некој ќе го облече дресот на Македонија, тој е нашиот најважен играч. И Стјуард, и Сестина, и сите што беа дел од тимот помогнаа на свој начин. Ако секој што ќе дојде во репрезентацијата има таков пристап и менталитет, тогаш ќе бидеме на вистинскиот пат“, порача Берокал.









