ЛДП повика јавно да се објават сите записници од работната група за измени на Изборниот законик

Макфакс

06/07/2026

12:10

202

Големина на фонт

а а а

Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на манипулациите поврзани со усогласувањето на Изборниот законик и повикува на целосна транспарентност со објавување на сите записници, предлози и амандмани од работната група. Партијата го нагласува значењето на вистината и слободата на информирање како основа на демократскиот процес.

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро реагира на опасните манипулации кои деновиве се пласираат во јавноста дека текстот за Изборниот законик бил „усогласен“. Презентирањето на очигледни невистини како готови факти е крајно неприфатливо и претставува директен упад во демократијата, вели во својата видео изјава Дејанчо Цветановски, член на Извршниот одбор (ИО) на ЛДП.

Ваквите намерни медиумски манипулации, според Цветановски, се опасни и можат да предизвикаат сериозни конфликти и поделби во општеството.

„Тие што ги креираат и промовираат овие лажни наративи мора под итно да стават прст на чело. Нивното неодговорно однесување нема да им се врати како бумеранг само на нив, најголема жртва на овие игри ќе бидат граѓаните и државата. ЛДП нема што да крие, ниту некогаш имала. Затоа, бараме целосна транспарентност и инсистираме медиумите доследно да се држат до фактите. Повикуваме јавно да се објават сите записници од работната група за измени на Изборниот законик, како и сите поднесени предлози и амандмани. Сè нека се стави на увид на јавноста, па граѓаните сами да видат кој зборува со факти, а кој фабрикува реалност“, вели Цветановски и повикува да се стави крај на евтиниот политички ПР, диригиран од центрите на моќ.

Слободата на информирање, која е гарантирана со Уставот на Републиката, додаде тој, е темел на либералната демократија и таа подразбира вистина, а не пропаганда.

„Македонија, наместо континуирано да тоне во невистини и обвинувања, заслужува искреност во политиката како единствена основа за реален прогрес. Граѓаните заслужуваат чист процес, а тоа започнува со вистината на маса“, заклучува во својата изјава членот на ИО на ЛДП, Цветановски.