[ФОТО] „Двапати пукнат нос, шината рака, трауми тон – години работа со психолог и пак имам морници“: Кики Мукаетова искрена за врсничкото насилство што го преживувала

Точка

03/07/2026

16:11

963

Големина на фонт

а а а

Случајот со врсничкото насилство во скопската населба Аеродром, кој беше снимен и брзо се прошири на социјалните мрежи, предизвика силни реакции во јавноста. Вознемирувачката снимка поттикна бројни осуди и апели до надлежните институции што поскоро да постапат и да го расчистат случајот.

Освен што отвори дебата за потребата од поефикасна институционална реакција, случајот охрабри и многу луѓе кои во минатото биле жртви на врсничко насилство јавно да проговорат за своите искуства и да испратат порака дека за ваквите ситуации не смее да се молчи.

Меѓу нив е и младата Кики Мукаетова, која преку социјалните мрежи сподели дека не само таа, туку и нејзините сестри и брат, во различни периоди биле жртви на врсничко насилство. Како што наведува, тие искуства оставиле и физички повреди, но и трауми со кои се справувале со години.


„После два дена пиши-бриши, можам само да кажам: дечки, не молчете. Пријавете на време. Молкот ништо нема да реши. Само ќе го направи проблемот поголем. Има начин, има институции, има луѓе што ќе ве сослушаат. Пробајте. Два пати пукнат нос, шината рака, трауми – тон. Долги години работа со психолог и пак имам морници. И денес, на 18 години, уште го паметам стравот со кој одев на училиште. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор. За сестрите имаше антигрупи на социјалните мрежи. Брат ми, на само 7 години, исто така помина низ траума. До кога ќе гледаме деца како тепаат, понижуваат, а сега и снимаат?“, стои во нејзината објава на Инстаграм.


„Колку треба да си несреќен на скала од 1 до 100 за да направиш вакво нешто? Вие што хушкате од страна додека едно дете е малтретирано и понижувано – дали навистина мислите дека сте силни? Брат ми е на иста возраст како Дарија и останатите деца. Не сакам да расте во средина каде што насилството е забава, а туѓата болка повод за снимање. Ниту едно дете не заслужува преплашено да излегува од дома“, напиша Мукаетова на Инстаграм, додавајќи дека на општеството очајно му е потребна поголема одговорност.


Таа смета дека е неопходно да се воведат најстроги казни не само за малолетниците што вршат насилство, туку и за родителите кои не ја исполнуваат својата родителска одговорност.

„Како општество, некако многу брзо забораваме. Но децата што го преживеале овој хорор не забораваат никогаш“, вели Мукаетова.

Инаку, Кики неодамна гостуваше во поткастот „Resetchat“, каде отворено зборуваше за насилството што го доживеала на училиште. Таа раскажа дека до петто одделение учела во државно училиште, каде била изложена и на сајбер-насилство и на физички напади од врсници.


Според неа, иако се обидувала да се вклопи во средината и да не се издвојува со своето однесување или начин на комуникација, сепак често била мета на навреди, осудување и малтретирање.

Во процесот на справување со последиците од тие искуства, побарала помош од психолог. Како што истакна, токму стручната поддршка одиграла важна улога во надминувањето на траумите.

Нејзината исповед е една од многуте што деновиве се појавуваат на социјалните мрежи, каде лица кои преживеале врсничко насилство ги споделуваат своите животни приказни со надеж дека ќе ги охрабрат и другите жртви да проговорат и да побараат помош.