[ВИДЕО] Никој не дошол на неговата матура бидејќи нема семејство и е без дом, а потоа следувал неочекуван пресврт

Точка

02/07/2026

16:08

870

Големина на фонт

а а а

Матурантот, кој нема автомобил, вели дека работи долги часови и двојни смени за да ги покрие основните животни трошоци, а истовремено се обидува да заштеди за факултет.

Луѓе од целиот свет му даваат поддршка на матурантот од Бемиџи, во Минесота, кој неодамна завршил средно училиште без семејство и без дом. Мигел Шмербек го забележал тој важен животен момент во емотивно видео што го објавил на „ТикТок“, а кое стана вирално со повеќе од 30 милиони прегледи и 6 милиони лајкови.


„Немав никого“

„Секој имаше некого што го чекаше откако ќе се симнеше од бината. Јас немав никого“, напиша Шмербек. „Мајка ми почина. Татко ми не е присутен. Немам браќа ниту сестри, немам баба ниту дедо. Само јас, стојам во просторија полна со славење и се обидувам да не се скршам“.

„Не беше најтешкиот дел самата матура“, додаде тој. „Тешко беше да ги гледам сите други како слават со луѓето што дошле поради нив“.

А потоа „ТикТок“ го направи своето... Луѓето масовно пишуваа во коментари дека се горди на него, објавуваа селфи-фотографии од своите семејства и му пишуваа дека тие сега се неговото семејство.


Тешка животна приказна

Мајката на Шмербек починала кога тој имал 13 години, а претходно во своите објави го опишувал и искуството како е да се биде бездомник на 17-годишна возраст. „Во моментов преспивам на каучите кај други луѓе и се обидувам да си обезбедам стабилност“, напиша на страницата „GoFundMe“, која ја покренал откако неговите следбеници на „ТикТок“ го прашале како можат да му помогнат.

Шмербек, кој нема автомобил, вели дека работи долги часови и двојни смени за да ги покрие основните животни трошоци, а истовремено се обидува да заштеди за факултет. „Мојата цел не е само да го преживеам денот, туку да изградам живот со кој ќе се гордеам“, истакна тој.


Во кампањата за собирање средства се собрани повеќе од 50.000 долари. Шмербек изјави дека тие пари ќе му помогнат да ги плати киријата, превозот, храната, факултетот, трошоците поврзани со работата и другите издатоци додека работи на создавање стабилни темели за својот живот.

На оние што не се во можност да донираат им порача дека и пораките за поддршка му значат „подеднакво многу“.

„Поддршката што ја добив ми покажа дека постојат луѓе подготвени да му помогнат на некого кого никогаш не го ни запознале, и тоа никогаш нема да го заборавам“, напиша тој. „Ви благодарам што верувате во мене и што ми помагате да го направам следниот чекор“.