[ВИДЕО] Двегодишното дете спасено од урнатините во Венецуела заздравува, потрагата по неговите родители продолжува

Макфакс

02/07/2026

09:00

133

Големина на фонт

а а а

По катастрофалниот земјотрес во Венецуела, двегодишниот Клајбер Моран е спасен од урнатините и се опоравува во болница, додека потрагата по неговите исчезнати родители продолжува.

Двегодишниот Клајбер Моран кој беше спасен од урнатините на неговата куќа во Венецуела по шест дена од земјотресот се опоравува во болница додека неговото семејство продолжува да чека вести за неговите родители, кои се водат како исчезнати по катастрофалниот земјотрес.

Момчето било извлечено од урнатините во државата Ла Гваира од страна на јорданските спасувачи рано наутро во вторникот. Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, го нарече неговото спасување „извор на надеж за народот“, додека бројот на жртви од двата силни земјотреси продолжува да расте.

Во болницата во Каракас, Клајбер е придружуван од неговата 23-годишна тетка Андреина Сармиенто, која за Би-Би-Си изјави колку многу ѝ значи тоа што момчето преживеало.

„Ќе се грижам за Клајбер со мајчинска топлина додека не се појави сестра ми. На тоа се надеваме“, рече таа.

„Многу ме боли бидејќи сестра ми секогаш ми кажуваше дека тој е мој син. Како да ми го предала и да ми рекла: „Ова е твојот син, сега е твоја одговорност“, рече таа.

Андреина рече дека била дома кога еден пријател ја повикал да и каже дека Клајбер е пронајден жив.

„Паднав на подот, врескајќи и плачејќи, а потоа веднаш тргнав кон него“, рече таа.

Таа рече дека пред успешната операција на јорданските спасувачи, британските тимови исто така се обиделе да го спасат момчето.

Кога повторно се сретнале, Клајбер веднаш ја препознал и рекол: „Тетка ми е“. Тој бил во силен шок и плачел без престан кога пристигнал во болницата, но неговата состојба се стабилизирала следниот ден.

„Денес ми дава мали бакнежи, ми зборува и ми покажува каде го боли“, рече таа.

Лекарите утврдиле дека момчето немало скршеници.

„Нема скршени коски. Има само неколку гребнатини на рацете и нозете“, рече Андреина.

Иако е пресреќна што нејзиниот внук е жив, таа вели дека најтешкото нешто за неа е што нема никакви вести за неговите родители.

„Толку многу ме боли што не можам да ја најдам сестра ми“, рече таа.

Таа рече дека таа и 31-годишната Ана Луз биле многу блиски и дека разговарале преку видео повици речиси секој ден.

„Каде и да одеше, Клајбер беше со неа. Што и да сакаше, таа се обидуваше да му даде. Ако немаше пари, ќе ми се јавеше и ќе ми речеше: „Клајбер го сака ова“ или „тоа му недостасува“, рече таа.

Убедена е дека нејзината сестра била со нејзиниот син во времето на уривањето.

Потрагата по преживеани по катастрофалниот земјотрес сè уште трае.

Според официјалните бројки, најмалку 2.295 луѓе загинале, но се очекува конечниот број да биде значително поголем. Десетици илјади луѓе се водат како исчезнути.

 

фото/ЕПА