Франција од меч во меч го оправдува статусот на еден од водечките фаворити за највисок пласман, па четвртата победа во низа значи дека тимот на Дидие Дешамп веќе е во осминафиналето.
По перфектната групна фаза, актуелниот светски вицешампион одигра импресивен натпревар против Шведска, а во дуел во кој можеше да постигне и седум или осум голови, на крајот славеше со 3:0.
Kylian Mbappé has now scored more goals in the knockout rounds than any other player in World Cup history (10). 🇫🇷 pic.twitter.com/4ZMfXOTGMI
— Squawka (@Squawka) June 30, 2026
Првото полувреме донесе ревија од шанси и неискористени колосални прилики од фаворитот, но повремено се закануваше и Шведска која се обидуваше да биде опасна преку контра напади.
По низа неискористени стопроцентни шанси, Килијан Мбапе конечно го пронајде патот до мрежата во 45-та минута, а токму овој гол му донесе и мундијалска историја.
Мбапе урна уникатен рекорд на Роналдо Назарио и стана играч со најмногу постигнати голови во нокаут фазата на мундијалите, рекорд кој успеа и да го поправи до крајот на мечот.
За Мбапе голот за 1:0 беше деветти во нокаут фаза на Светските првенства и го урна рекордот на Роналдо и Леонидас, но до крајот на средбата, постигна уште еден погодок и стигна до десет погодоци во елиминациска рунда.
Вториот гол на Килијан дојде во второто полувреме за резултат 3:0 по додавање од Олисе, а во меѓувреме во листата на стрелците се запиша и Баркола.
Двата погодоци на оваа средба го израмнија со Меси на листата на најдобри голгетери на ова Светско првенство (имаат по шест), но Килијан дојде и на еден од историскиот рекорд на Лео севкупно на мундијалите (Французинот има 18, додека Аргентинецот 19).
Франција однапред знаеше со кој ќе игра во осминафиналето, па во оваа рунда „триоколорите“ одново ќе имаат апсолутна улога на фаворити против Парагвај кој направи сензација против Германија.









