Фудбалскиот клуб Шкендија гради нов проект и најави дека во тимот ќе донесе свежи сили, а ова попладне се пофали со потписот на еден од најдобрите играчи во косовската фудбалска лига.
Тетовскиот клуб најави шампионски амбиции откако минатава сезона ја загуби битката за титулата со Вардар, па потписот на Алмир Криезиу дефинитивно е најавен како посебно важен во оваа фаза од летниот преоден рок.
Шкендија во својата објава потенцира дека станува збор за еден од играчите кои биле најдобри во косовската фудаблска лига, а кој решил да му даде предност на проектот од Тетово, иако имал понуди и од други странски клубови.
Крилниот напаѓач има 27 години и сезоната во Косово ја завршил со 13 голови и 14 асистенции, бројки кои дефинитивно го најавуваат како големо летно засилување.
Договорот е потпишан на две години, па Криезиу се обврза да остане во Тетово најмалку до 2028-ма година.







