Новата анализа на германскиот „Destatis“ покажува големи разлики во цените за одмор низ Европа.
Експертите истакнуваат дека внимателниот избор на дестинација може да донесе значителни заштеди за време на одморите, а како што пишува списанието „Fenix Magazine“, повикувајќи се на податоци од германскиот Сојузен завод за статистика („Destatis“), најголемите заштеди во моментов ги нудат земјите од Југоисточна и Источна Европа.
На врвот на листата на најприфатливи дестинации е Македонија, каде што хотелскиот смештај и угостителските услуги се во просек за 52 проценти поевтини отколку во Германија. Веднаш по неа е Бугарија, каде што цените се за 47 проценти пониски.

Во пракса, ова значи дека услуга што чини 100 евра во Германија би чинела само 48 евра во просек во Македонија; а во Бугарија 53.
Меѓу земјите што исто така нудат значителни заштеди се Црна Гора, со цени пониски за 39 проценти, но и Португалија и Чешка, каде што трошоците се во просек пониски за околу 30 проценти. Во Шпанија, цените се за 22 проценти пониски од германскиот просек.
И Хрватска и Италија се поповолни од Германија

Предноста на некои од овие дестинации не е само пониската цена, туку и добрите сообраќајни врски, поради што се лесно достапни со автомобил или воз. Иако често се сметаат за поскапи туристички дестинации на југот на Европа, Хрватска и Италија се сепак донекаде попристапни од Германија.
Според податоците што ги објави списанието „Fenix“, цените во Хрватска се во просек пониски девет отсто, додека во Италија за два отсто. Нешто поповолна е и Франција, со цени пониски за четири отсто.

Најскап е Исланд
Од друга страна, некои европски земји се поскапи од Германија. Австрија има речиси идентични цени, додека Белгија и Холандија се поскапи за 13, односно 14 отсто. Најголеми разлики се забележани во Северна Европа. Во Финска и Шведска туристите во просек ќе плаќаат околу 10 отсто повеќе отколку во Германија, додека Норвешка е дури 34 отсто поскапа.

Најскапата дестинација се покажа како Исланд, каде трошоците за сместување и угостителски услуги се речиси 49 отсто повисоки од германскиот просек. Многу високи цени бележи и Швајцарија, која е на самиот врв на листата на најскапи европски дестинации.











