Ердоган: Ако мирот дојде во регионот на Блискиот Исток, тоа ќе биде и покрај провокациите од Израел

Макфакс

24/06/2026

16:50

154

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека мирот во регионот на Блискиот Исток ќе биде постигнат и покрај провокациите од Израел и ги критикуваше израелските лидери за одржување на конфликти.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Израел се спротивставува дури и на најмалата можност за мир и дека ако мирот дојде во регионот на Блискиот Исток, тоа ќе биде и покрај Израел.

„Знаеме дека Израел не може да поднесе ниту најмалата можност за мир“, рече Ердоган обраќајќи се пред пратениците на неговата Партија за правда и развој (АК) во турскиот парламент, пренесува Анадолија.

Зборувајќи за најновите настани во регионот, Ердоган рече дека изјавите на израелските политичари во текот на изминатите 10 дена покажуваат дека наместо држава водена од разум, регионот се соочува со група радикали кои ја изгубиле контролата.

„Ситуацијата е толку сериозна што тие се обвинуваат меѓусебно дека убиле помалку луѓе и пролеале помалку крв“, рече тој.

Ердоган оцени дека одредени групи во Израел не сакаат оружјето да замолчи во регионот и дека се обидуваат да го поткопаат неодамнешниот договор постигнат по големи дипломатски напори, пренесува Танјуг.

Тој го нарече Израел „мрежа од масакри што го претворија теророт и окупацијата во државна политика“, велејќи дека земјата направила сè за да го поткопа „тешко стекнатиот консензус“ постигнат од сите страни во претходните 10 дена.

Ердоган изјави дека одговорните ќе продолжат со ваквите напори сè додека не ги постигнат своите цели.

„Ако мирот дојде во нашиот регион, тој ќе дојде и покрај Израел. Ако мирот владее во нашиот регион, тоа ќе биде и покрај израелските провокации. Што и да прави оваа мрежа од масакри, таа нема да може да спречи мирот, правдата, стабилноста и просперитетот да преовладуваат во нашиот регион“, нагласи тој.

Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да ги поддржува дипломатските напори за искористување на секоја можност за мир.