Алиу: Во Брисел го потпишавме договорот за учество во EU4Health - европска поддршка за реформите во здравството

Макфакс

24/06/2026

18:20

174

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Азир Алиу во Брисел го потпиша договорот за учество на Северна Македонија во европската програма EU4Health, која има за цел да ја поддржи реформата и унапредувањето на здравствениот систем во земјата.

Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со еврокомесарот за здравство, Оливер Вархеј, денеска во Брисел го потпишаа договорот за учество на Република Северна Македонија во програмата „EU4Health“, најголемата програма на Европската Унија во областа на здравството.

На потпишувањето, Алиу истакна дека пристапувањето кон „EU4Health“ претставува значаен чекор во европската интеграција на македонското здравство и потврда дека реформските процеси во земјата се движат во согласност со европските стандарди и приоритети.

-Со потпишувањето на договорот, нашата држава станува дел од европските напори за зајакнување на здравствените системи, унапредување на јавното здравје, дигитализација на здравствените услуги, подобрување на подготвеноста за здравствени кризи и обезбедување поквалитетна здравствена заштита за граѓаните. Ова не е само пристапување кон една европска програма, туку инвестиција во подобри здравствени услуги, посилни институции и подобри услови за пациентите и здравствените работници. Со „EU4Health“, нашите реформи добиваат дополнителна европска поддршка, знаење и партнерства, нагласи во своето обраќање министерот Алиу.

Тој посочи дека денешното потпишување е важен сигнал дека Северна Македонија не само што ја декларира својата европска определба, туку ја претвора во конкретни политики и конкретни можности за граѓаните.

Учеството во програмата ќе овозможи македонските здравствени институции и експерти да се вклучат во европски мрежи, заеднички проекти и иницијативи насочени кон подобрување на здравствените политики и услуги, соопштија од министерството.