[ВИДЕО] Гласни жици помоќни од моторна пила: Австралиец го собори Гинисовиот рекорд како најгласен човек во светот

Точка

23/06/2026

20:30

461

Големина на фонт

а а а

Џозеф Мекгрејл-Бејтап, официјалниот градски гласник, односно објавувач на вести од Канбера е сопственик на новиот рекорд за најгласен извик што некогаш е забележан.

Гинисовата книга на рекорди минатата недела официјално призна дека 58-годишниот Австралиец го испуштил најгласниот поединечен извик досега. Тој го извикал зборот „сега“ („now“) со јачина од 122,4 децибели.

Со тоа го соборил претходниот рекорд од 121,7 децибели, кој во 1994 година го поставила Анелиса Фланаган. Таа тогаш продорно го извикала зборот „тишина“ („quiet“). Таквата јачина на звук може да се спореди со моторна пила, полетување на млазен авион или сирена на брза помош од непосредна близина.

За среќа на сите околу него, обидот за соборување на рекордот не е нешто за што можел да тренира, изјавил Мекгрејл-Бејтап во вторникот.

„Не постои начин навистина да вежбате за вакво нешто. Морате да го сочувате гласот за самиот ден на обидот за соборување на рекордот“, рекол тој.

„Ми беа потребни седум обиди само за еден збор, а тоа беше зборот ’сега‘. Гласот ми беше целосно исцрпен во следните неколку дена. Бев засипнат, беше ужасно. Значи, не можете баш да тренирате за ова, но многу е забавно додека го правите“, раскажал тој.

Мекгрејл-Бејтап смета дека е најгласниот маж во светот, а не најгласната личност, бидејќи претходно не постоел посебен рекорд за мажи.


„Мило ми е што таа може да го задржи својот рекорд. Така, таа и понатаму е најгласната жена во светот, а јас сум најгласниот маж во светот“, истакнал Австралиецеот.

Тој додал дека случајно наишол на рекордот на Анелиса Фланаган, додека безуспешно ја пребарувал Гинисовата книга на рекорди во потрага по достигнувања поврзани со професијата градски гласник.

Натпреварувачкиот дух кога станува збор за гласното довикување го развил откако во 2017 година бил именуван за официјален градски гласник, односно телал, на австралиската престолнина Канбера.

Станува збор за почесна функција со скратен ангажман, воспоставена од локалната самоуправа, која тој ја опишува како „забава“. Неговото службено име во таа улога е лорд Џозеф.

Тој соопштува важни информации на локални манифестации, училишни свечености и саеми за автомобили.

Со таа функција дошло и членството во Здружението на почесни гласници, посветено на зачувувањето на историската и церемонијалната улога на телалите.


На натпреварот на тоа здружение во 2024 година победил со најгласниот извик „Ојез, ојез, ојез“ од 98 децибели. Тоа е традиционален повик за тишина и внимание пред градскиот гласник да го соопшти прогласот.

За обидот за соборување на светскиот рекорд испробувал различни зборови, пред да се одлучи за „сега“.

Неговиот извик бил снимен на 2 мај во радио-студио во Канбера, во присуство на професионален акустички инженер и сведоци. Снимките потоа биле испратени до Гинисовата книга на рекорди, која во петокот официјално го потврдила рекордот.

Ова не е првпат Мекгрејл-Бејтап да собори светски рекорд, потсетува „Јуроњуз“.

Во 2019 година поставил рекорд во брзо гаѓање со лак и стрела, откако испукал десет стрели за 60,03 секунди. Со тоа за дел од секундата го надминал рекордот што важел од 2015 година.

Меѓутоа, само девет месеци подоцна, седумгодишно момче го надминало неговиот резултат за дури 11,4 секунди.

Мекгрејл-Бејтап нагласил дека нема намера да се обидува да го врати рекордот во стрелаштво, ниту по секоја цена да го задржи рекордот за најгласен извик.

„Ако некој ме надмине, тоа е одлично. Рекордите постојат за да бидат соборени“, заклучил Австралиецот.