Сопруг и сопруга со своите четири деца го напуштиле својот дом во едно баварско село за да се преселат во „земјата зад шумите“, во срцето на Трансилванија во Романија. Нивната одлука, како што велат, била мотивирана од желбата за поспокоен начин на живот и пониски животни трошоци какви што сè уште може да се најдат на Балканот.
Рита Клаус, позната писателка во Германија, во интервју за „Die Welt“ изјавила дека семејството постепено се прилагодува на новиот и посигурен начин на живот.
„На почетокот децата беа незадоволни од нашата одлука, но сега сè повеќе ги гледаат предностите. Денес можат да трчаат низ селото до доцна навечер“, вели таа.
Потоа открила што уште им се допаѓа на децата откако се преселиле на Балканот.
„Освен тоа, нивниот џепарлак сега им е доволен за повеќе работи. Секој има своја соба. Куќата е голема, а воедно беше и евтина“, вели Рита, која не се двоуми да зборува и за проблемите што ги нервираат многу Романци, како дивите депонии и присуството на бездомни кучиња.

Не им било лесно да се преселат
Рита признава дека одлуката за преселба не дошла лесно, бидејќи семејството имало одредени предрасуди за земјата.
„Дивите депонии и бездомните кучиња се два очигледни проблеми во земјата. Нема смисла постојано да се жалите, особено затоа што секое решение изгледа создава нови проблеми“, вели таа.
Уште еден проблем што го осудуваат и самите Романци е корупцијата. Сепак, семејството Клаус вели дека досега не се соочило со такви ситуации.
Она што ги изненадило, пак, била строгата бирократија.
„Досега ништо не ни е украдено и никому не сме морале да му дадеме поткуп. Нашата посета кај нотарот за купување куќа беше одложена бидејќи градежниот план не бил ажуриран и станувало збор за неколку сантиметри разлика. Во меѓувреме, целиот катастарски систем во Романија е во процес на дигитализација“, објаснува Рита.

Сепак, животот во Романија е поинаков за писателката и нејзиното семејство.
„Романија ве тера да забавите. Секогаш кога ќе ја преминам границата, имам чувство дека денот станува подолг за еден час. А пониските животни трошоци се предност што не може да се игнорира. Во Германија само соковите за децата би чинеле околу 40 евра, додека овде со истите пари плаќаме оброк за целото семејство“, вели таа.
Она што особено ја забавува се многу различните „приоритети“ на локалната заедница. Селото сè уште нема канализација, но има брз и евтин интернет.
„Бунар во дворот и дата-центар на таванот – мислам дека Романците имаат вистински приоритети. Имаме полски тоалет во дворот, но и интернет од 1 гигабит во секунда за само 8 евра месечно“, вели Германката.










