Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека САД издвојуваат големи финансиски средства за НАТО со цел заштита на Европа од Русија и критикуваше некои политики на европските сојузници, како и оставката на британскиот премиер Кир Стармер.
Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека САД издвојуваат огромни суми пари за НАТО, тврдејќи дека значаен дел од овие средства е наменет за заштита на европските сојузници, првенствено од Русија.
„Мислам дека трошиме 600 милијарди долари годишно. Само помислете, вистинската сума што ја трошиме за НАТО е едноставно луда“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Американскиот претседател повторно го критикуваше ставот на европските членки на Алијансата кон Вашингтон, наведувајќи дека САД издвојуваат стотици милијарди долари за нивната безбедност, додека, според него, тие не добиле соодветна политичка поддршка од своите сојузници.
Во исто време, Трамп коментираше и за оставката на британскиот премиер Кир Стармер, оценувајќи дека тој е добар човек кој, како што изјави, политички си наштетил.
„Мислам дека е добар човек. Но, енергијата и имиграцијата, знаете, тој навистина си наштетил“, рече Трамп.
Тој изјави дека го советувал Стармер, Велика Британија да продолжи со производството на нафта во Северното Море, наместо да се потпира на ветерни фарми и увоз на енергија од Норвешка. Според проценката на Трамп, миграциската политикa, која ја поврза со растот на криминалот, донесе дополнителни проблеми за британската влада.
Оставката на Стармер го отвори процесот на избор на нов лидер на Лабуристичката партија и иден премиер, а британските медиуми го споменуваат Енди Бернам како еден од најсериозните кандидати.







