Јутјуберот Никола Поповиќ објави видео на кое се гледа како затекнува група малолетници кои оштетуваат лулашки и урбана опрема на детското игралиште „Патрик“, лоцирано зад „Три бисери“ во скопската општина Аеродром.
На снимката, која ја пренесе и „24часа.мк“, може јасно да се забележи веќе оштетен дел од реквизитите на игралиштето. Поповиќ веднаш реагирал и ги прашал присутните деца зошто ја уништуваат опремата, но тие негирале дека направиле каква било штета и одбивале дополнително да објаснуваат.
Јутуберот Никола Поповиќ вечерва пред полноќ затекнал малолетници како кршат лулашки и урбана опрема на игралиштето „Патрик“ зад „Три бисери“ во Општина Аеродром. Според видеото кое пристигна до редакцијата на 24часа, јасно се гледа како тие зад себе оставиле искршени лулашки.. pic.twitter.com/tE3L8K9K0N
— 24chasa.mk (@24chasamk) June 22, 2026
Дел од малолетниците се обиделе незабележливо да го напуштат местото, по што јутјуберот им се обратил со предупредување дека е повикана полиција и побарал да останат додека не пристигнат надлежните.
Во завршницата на видеото, Поповиќ им наложил на децата да ги повикаат своите родители и да ги информираат за случувањата.
Подоцна, преку серија објави на својот Инстаграм профил, тој откри дека ситуацијата дополнително се влошила, тврдејќи дека еден од родителите на малолетниците се обидел физички да го оттурне во присуство на полицијата.

Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Голем дел од корисниците изразија поддршка за постапката на Поповиќ и ја осудија, како што велат, сè почестата малолетничка деликвенција, додека други сметаат дека неговиот начин на комуникација со децата бил премногу агресивен и непримерен.

Коментарите под видеото се бројни:
„Локал патриотизам на дело. А, не Заветна и Бисер Балкански. Браво“, „Браво, сега родителите да платат отштета и цело лето овие тинејџери да го чистат цело Скопје“, „Вака се прави тоа, зинуваш одма кога гледаш дека нешто не е во ред и повикуваш надлежен“, Само така, друго решение нема“...











