СДСМ: Реконструкцијата на Владата – нова шминка на истото корумпирано тело

Макфакс

23/06/2026

09:22

183

Големина на фонт

а а а

Опозициската СДСМ го критикува најавеното менување на составот на Владата, сметајќи дека тоа е само нова шминка на истото корумпирано и нефункционално владеење, без вистински промени или решавање на тековните проблеми во земјата.

Организираната криминална група ВМРО најави реконструкција на Владата. Во пракса, тоа е само нова шминка на истото старо, нефункционално и корумпирано тело, смета опозициската СДСМ.

„Кога имате министер за правда од партија ЗНАМ која повеќе не постои, човек кој се правеше „мртов“ за случајот со Никола Груевски цел месец и сè уште не даде одговор дали ги испратил потребните документи – што точно се реконструира тука? Кога имате министер за внатрешни работи кој дозволи целосна партизација на МВР, кој го штити Владата и поединци од одговорност, и кој не презема никаква политичка одговорност за колапсот на безбедносниот систем и селективната правда – каква реконструкција е тоа? Кога имате заменик-премиер кој отворено работи против интересите на Македонија, кој ги застапува интересите на Србија, Русија и Кина, кој учествува во антиевропски и авторитарни мрежи, организира контра-митинзи против српските студенти и промовира кинеска авторитарна пропаганда – што се менува со таков човек во Владата? Кога имате генерален секретар на Владата со бугарска фирма и сомнителни финансиски извештаи, а во исто време половина министри, пратеници и директори имаат бугарски пасоши – каква е оваа „македонска“ Влада?“, прашува СДСМ.

Од таму прашуваат што точно се реконструира кога економијата е во распад, буџетскиот дефицит е потрошен за шест месеци, јавниот долг е зголемен за над 2,5 милијарди евра, а премиерот отворено кажува дека младите ќе ги заменува со мигранти односно „економски работници“.

Според СДСМ, реконструкцијата која ја најави Христијан Мицкоски е чисто козметичка.

„Старите лица остануваат, старите практики продолжуваат, а новите имиња само ја менуваат амбалажата. Нема нова политика. Нема нова визија. Нема нова одговорност. Има само нова шминка на истото старо, корумпирано владеење и нови криминални тендери. Правилата на тендер коалицијата не се менуваат. Театарот е ист, истите глумци, само нови одела. По реконструкцијата, Мицкоски ќе најави предвремени избори во моментот кога повеќе нема да може да се задолжува, бидејќи пари во буџетот веќе нема. Нема да има ниту за нивните криминални тендери, ниту за плати и пензии. Од претстава во претстава, ќе ни кажуваат дека „немале време“, па ќе бараат уште четири години за да ја видиме „Македонија повторно горда“. Веќе видовме како изгледа „третата економија во Европа“ според Мицкоски. Сега се плашиме од најавата дека ќе бидеме први, но во сиромаштија. Македонија забрзано се движи кон пропаст“, велат од СДСМ.