[ВИДЕО] Една жена загина, а 1.700 туристи се евакуирани по голем пожар во луксузен ресорт на Карибите

Макфакс

20/06/2026

09:24

400

Големина на фонт

а а а

Во голем пожар што избувна во луксузен туристички комплекс во Доминиканската Република, една жена загина, а околу 1.700 туристи беа евакуирани во други хотели. Пожарот брзо се прошири поради силниот ветер и запалливите материјали, а надлежните спроведуваат истрага за причините.

Една жена загина, а речиси 1.700 туристи беа евакуирани по голем пожар што избувна во луксузниот туристички комплекс „Вива Доминикус Бич бај Виндам“ во Бајахибе, на југоисточниот брег на Доминиканската Република.

Според локалните власти, жртвата е 46-годишната италијанска туристка Франческа Валентино. Уште три лица биле пренесени во болница, додека шестмина добиле медицинска помош на местото на настанот. Меѓу повредените има гости, посетители и припадници на службите за итна интервенција.

Стотици туристи префрлени во други хотели

Пожарот избувнал во петокот и брзо се проширил низ делови од комплексот. Стотици туристи биле префрлени во околните хотели и сместувачки капацитети додека пожарникарите се бореле со огнената стихија.

Силниот ветер го забрзал ширењето на огнот

Од Центарот за итни операции на Доминиканската Република соопштија дека првичните наоди укажуваат оти пожарот брзо се проширил поради силниот ветер и запалливите материјали што биле користени за дел од покривната конструкција.

Пожарот во меѓувреме е ставен под контролa, а надлежните служби спроведуваат истрага за да ги утврдат причините за неговото избувнување.

Соседниот туристички комплекс „Вива Виндам Доминикус Палас“ не бил зафатен од пожарот и продолжува да работи нормално. Властите соопштија дека туристичките активности во Бајахибе и околината се одвиваат без поголеми нарушувања.

Доминиканската Република е најпосетуваната туристичка дестинација на Карибите, а само во првите пет месеци од годинава ја посетиле повеќе од 5,6 милиони туристи.