[ФОТО] Кафе едно евро, ќебапи пет: Регионот зборува за цените на босанското море

Точка

18/06/2026

20:00

774

Големина на фонт

а а а

Семејствата што бараат сместување за три или четири лица треба да сметаат на трошок од околу 140 до 235 конвертибилни марки (околу 70 до 120 евра) за едно ноќевање, во зависност од локацијата, опременоста и оддалеченоста од плажата.

Иако цените се нешто повисоки во однос на претходните години, одморот во Неум и понатаму е значително поевтин отколку во многу други летувалишта. Според моментално достапните понуди на платформите за резервација на сместување, апартманите за две лица во текот на главната сезона најчесто чинат меѓу 100 и 140 конвертибилни марки за едно ноќевање, односно околу 50 до 70 евра.


Во поповолните варијанти може да се најде сместување и за 70 до 90 конвертибилни марки, додека апартманите на самото крајбрежје или со поглед кон морето достигнуваат цена од 300 конвертибилни марки, односно околу 153 евра, па и повеќе за едно ноќевање, пишува „Sarajevo.ba“.


Кога станува збор за угостителската понуда, Неум и понатаму е едно од поповолните места на Јадранот. Во повеќето кафулиња кафе може да се испие за 2 до 5 конвертибилни марки, односно околу 1 до 2,5 евра, додека цената на пицата главно се движи меѓу 12 и 20 конвертибилни марки, односно од 6 до 10 евра.


Порција ќебапи чини од 10 до 16 конвертибилни марки, односно околу 5 до 8 евра, а рибните специјалитети и јадењата од морски плодови најчесто чинат меѓу 20 и 50 конвертибилни марки, во зависност од ресторанот и видот на оброкот.


Вечера за две лица со пијалак во просечен ресторан главно чини меѓу 40 и 80 конвертибилни марки, односно околу 20 до 40 евра.


Цените на основните прехранбени производи во маркетите главно се слични со оние во остатокот од Босна и Херцеговина, па оние кои планираат сами да готват можат да поминат и уште поевтино.

Дополнителен трошок за туристите што доаѓаат во Неум со автомобил е паркингот. Дневната карта обично чини од 10 до 14 конвертибилни марки, односно околу 5 до 7 евра, додека голем број хотели и апартмани им нудат на гостите бесплатен паркинг во рамките на сместувањето, што може да претставува значителна заштеда за време на повеќедневниот одмор.


Кога ќе се соберат трошоците за сместување, храна и пијалаци, две лица во екот на сезоната за еден ден во Неум треба да издвојат меѓу 160 и 280 конвертибилни марки, односно од 80 до 145 евра.

За седумдневен одмор потребно е да се планира буџет од приближно 1.120 до 1.960 конвертибилни марки, односно околу 580 до 1.000 евра, во зависност од изборот на сместување и потрошувачките навики, пренесе „Večernji list“.