Марк Кукурелја неочекувано се претвори во топ тема во шпанската спортска јавност непосредно пред премиерата на европскиот шампион на Светското првенство, пред се поради изненадувачкиот трансфер кој го направи во Реал Мадрид.
Без никаква најава и било какви гласини во јавноста, Кукурелја во помалку од 48 часа ја комплетираше операцијата со Реал Мадрид и веќе беше потврден како големо летно засилување, а неколку дена по објавата на „кралевите“, шпанскиот лев бек го одработи и првото интервју.
„Ел Мундо“ ја доби шансата да го има првото ексклузивно интервју по направениот трансфер во Реал Мадрид, кој инаку привлече уште поголемо внимание поради минатото на Кукурелја во Ла Масија и Барселона.
– Имав различни опции на маса, но кога дојде понудата од Реал Мадрид, не се двоумев. Тоа е уникатна можност за мене, играњето за Реал Мадрид е чест. Не многу играчи можат да се пофалат дека добиле понуда од Реал, – вели Кукурелја, кој признава дека добар дел од работата завршил Жозе Мурињо.
– Мурињо ми се јави и зборуваше за својот проект. Ми порача дека има голема желба да соработува со мене. Ми нагласи дека многу добро ќе се вклопам во неговиот тим и дека Реал Мадрид е многу голем клуб. Ми даде голема самодоверба и едвај чекам да почнам да работам со него, – потенцира Кукурелја.
Марк фудбалски се оформи и се градеше како член на Барселона, па и самиот е свесен дека неговиот премин во Реал Мадрид предизвика доста турбуленции во јавноста, особено во Каталонија.
– Во животот имате различни етапи, а на мене дојде ред да носам важна одлука за себе и кариерата. Немам никаков сомнеж дека го повлеков вистинскиот потег. Кога сте дете, сонувате да играте за клубови како Реал Мадрид. Во себе го препознавам генот кој го поседува Реал Мадрид. Никогаш не се откажувам и секогаш одам максимално докрај, – потенцира Кукурелја.




