Португалија киксираше на стартот на Светското првенство и не остави воопшто добра слика против ДР Конго, особено не во фазата на напад каде тимот на Роберто Мартинез изгледаше доста конфузно.
Португалците на моменти изгледаа доста невоиграно и раштимано во последната третина од теренот, а по ремито од 1:1, доста критики пристигнаа на адреса на капитенот.
Кристијано Роналдо имаше неколку лоши реакции пред противничкиот гол, но како поранешен врвен голгетер од светски рамки, посебно внимание привлече критиката која ја даде Тјери Анри.
Станува збор за момент од 68-та минута, кога Роналдо лошо реагираше по едно додавање на Консеисао, кое повеќе беше наменето за Бруно Фернандеш кој беше во идеална позиција.
– Има нешто многу важно околу натпреварот на Португалија. Тимот треба да постигне гол, а не Роналдо. Во една акција во која сакаше да постигне гол по секоја цена, тој му се најде на патот на Бруно и не дозволи топката да стигне до него. Според мене, главниот проблем на Роналдо е што игра како класична „9-ка“. Тој никогаш не беше „9-ка“ и во овој момент не ги нуди потребните квалитети за таа позиција во Португалија, – изјави Тјери Анри во студиото на „Фокс Спорт“, по што се надоврза и Златан Ибрахимовиќ.
– Во ситуации како оваа за која зборува Анри, напаѓачот оди на прва статива и остава простор за тој што е зад него. Кристијано донесе целосно погрешна одлука во оваа ситуација, – изјави Златан.




