Англија ја победи Хрватска на првиот натпревар на Светското првенство и отвори на најдобар можен начин, и тоа во натпревар кој беше убедливо најдобар во досегашниот тек на турнирот.
Шесте постигнати гола и отворениот пристап од двата тима направија да гледаме вистински спектакл во Тексас, а со оглед понуденото во второто полувреме, мора да се нагласи дека Англија ја заслужи победата.
Томас Тухел успеа да ги консолидира своите играчи кои излегоа максимално агресивно во вториот дел, па капитенот Хари Кејн реши да го пофали селекторот за говорот кој го одржал на полувремето, иако не сакаше да открива детали од истиот.
– Одигравме две целосно различни полувремиња. Во првиот дел на лош начин ги примавме головите, но секоја чест за Тухел за говорот кој ни го одржа на полувреме. Ни порача дека можеме дури и да загубиме, но ако се случи тоа, да биде на наш начин.
– Побара од нас да бидеме далеку поагресивни и поактивни. Хрватска не можеше да го следи нашиот ритам по говорот на Тухел, остваривме одличен резултат против цврст тим. Не беше лесно, тие имаат извонредни играчи, но во вториот дел имаше моменти кога можевме да постигнеме и три и четири гола. На крајот на краиштата, најважно е што остваривме победа, – изјави капитенот по победата од 4:2, натпревар на кој тој ги постигна првите два гола за Англија.




