Рибата е исклучително здрава намирница, богата со висококвалитетни протеини, витамини, како и есенцијални омега-3 масни киселини кои ги штитат срцето и мозокот. Сардините во конзерва се одличен избор за здравјето.
Рибата би требало од морето или реката да нѝ „скокне“ во чинијата барем двапати неделно, но не секогаш сме во можност. Затоа многумина се одлучуваат за попрактични варијанти како што е, на пример, туната во конзерва. Меѓутоа, нутриционистите сè почесто истакнуваат дека тоа и не е баш најздравата опција.
Можете да ја јадете за појадок или да ја додадете во салата, сендвич, јадења од тестенини и разни други оброци. Туната во конзерва навистина е практична и разновидна, а покрај тоа и многу вкусна, па често се наоѓа на менито на љубителите на риба. Позната е како здрава намирница благодарение на високата содржина на протеини, омега-3 масни киселини и други хранливи материи. Но, крие и неколку замки кои многумина ги занемаруваат.

Никако не ја консумирајте секој ден, порачуваат нутриционистите, бидејќи во тој случај оваа здрава храна би можела да се претвори во – нездрава. Туната спаѓа меѓу рибите кои со текот на времето акумулираат жива, опасен и исклучително токсичен метал, па претерувањето може да доведе до проблеми со концентрацијата, хроничен замор, промени во расположението, па дури и оштетување на нервниот систем.
Обрнете внимание и на составот на конзервата: најдобра е туната во сопствен сок (саламура) или маслиново масло, тогаш е најбогата и во протеинска смисла.
Поевтини и побогати со хранливи материи
Според мислењето на експертите, сардините во конзерва се подобар избор. Освен што се поевтини, тие се побогати со хранливи материи (поголема содржина на омега-3 киселини, калциум, витамини растворливи во масти (А, Д, Е, К), а помало ниво на тешки метали, поради што се сметаат за побезбеден избор за редовна консумација). Исто така, конзервирањето не им ја намалува значително хранливата вредност.

Нутриционистите препорачуваат сардините да се консумираат два до три пати неделно, пишува „raport.ba“. Може да се додаваат во салати, тестенини и други јадења, а ако немате време за тоа, едноставно изгмечете ги со виљушка, земете малку зеленчук и направете сендвич. Едноставно, а здраво.
Во 100 грама сардини има дури 25 грама протеини. Благодарение на големото количество калциум, овие ситни риби се од исклучително значење за здрави и цврсти коски. Туната во конзерва има сличен процент на протеини, но помалку холестерол. Сепак, нивото на калциум е драстично пониско, а тука е и загриженоста поради количеството жива, па не се препорачува да се консумира повеќе од двапати неделно.










