Жолчните камења се чест здравствен проблем, но најчесто не предизвикуваат симптоми сè додека не дојде до затнување на жолчните канали. Тогаш можат да предизвикаат болка, мачнина и повраќање, а раното препознавање на симптомите е клучно за спречување на можни компликации.
Болка во стомакот
Главниот симптом на жолчните камења е болката позната како жолчна или билијарна колика. Таа се јавува кога камен ќе се заглави на патот кон дванаесетпалечното црево, поради што жолчното ќесе почнува да се грчи.
Болката обично е остра, се чувствува во горниот десен дел од стомакот и може да трае од 30 минути до неколку часа. Често не може да се ублажи со вообичаени лекови против болка.
Бидејќи жолчното ќесе се контрахира како одговор на мрсна храна, нападите најчесто се јавуваат по вакви оброци, иако може да бидат предизвикани и од друга храна.

Мачнина и повраќање
Друг чест симптом е силната мачнина, која може да доведе и до повраќање.
Најчесто се јавува по јадење и може да трае со часови. Мачнината може да биде и знак за посериозни компликации, како воспаление или инфекција на жолчното ќесе.
Покачена температура
Благо покачената телесна температура за време на напад на жолчката може да укажува на воспаление или инфекција на жолчното ќесе.
Може да се појават и треска или засилено потење. Температурата, особено кога е придружена со други симптоми, може да биде знак за сериозни компликации.

Жолтица
Жолтицата, препознатлива по жолтата боја на кожата и белките на очите, настанува поради покачено ниво на билирубин во крвта.
Билирубинот е жолтеникава супстанца која се создава при разградувањето на старите црвени крвни клетки.
Доколку жолчен камен го блокира протокот на жолчката, таа се натрупува во жолчното ќесе и црниот дроб, што доведува до зголемување на нивото на билирубин.
Жолтицата може да укажува и на други проблеми со црниот дроб, како цироза или хепатитис.
Ненадејно губење на телесна тежина
Иако жолчните камења директно не предизвикуваат губење на тежината, овие две состојби можат да бидат поврзани.
Дебелината е познат фактор на ризик за создавање жолчни камења, но ризикот го зголемува и наглото слабеење.
За време на гладување или брзо губење килограми, црниот дроб создава жолчка побогата со холестерол, што го поттикнува формирањето камења.
Зголемен ризик имаат и лицата кои биле подложени на баријатриска операција.
За безбедни методи на слабеење и превенција од жолчни камења најдобро е да се консултирате со лекар.

Што се „тивки“ жолчни камења?
Повеќе од 80 проценти од луѓето со жолчни камења немаат никакви симптоми.
Таквите „тивки“ камења често се откриваат случајно, за време на медицински прегледи направени поради други причини.
За дијагностицирање на жолчни камења се користат различни методи, меѓу кои крвни анализи, ултразвук, компјутерска томографија (CT), магнетна резонанца, рендгенски снимки, како и специфични испитувања како колесцинтиграфија и ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија (ERCP), која помага при откривање на местото на блокада.
Кога треба да се обратите кај лекар?
Иако компликации развиваат само околу 2 проценти од луѓето со симптоматски жолчни камења, важно е да се знае дека и „тивките“ камења со текот на времето можат да почнат да предизвикуваат проблеми.
Доколку знаете дека имате жолчни камења, разговарајте со лекар за можностите за лекување за да спречите идни напади.
Итна лекарска помош побарајте доколку:
• чувствувате болка во пределот на жолчното ќесе која трае со часови и не се намалува со лекови;
• имате покачена температура или треска;
• чувствувате мачнина и повраќате;
• забележите пожолтување на кожата и очите;
• урината ви стане многу темна, кафена;
• столицата стане невообичаено светла.
Раното препознавање на симптомите и навремената лекарска интервенција можат значително да го намалат ризикот од сериозни компликации поврзани со жолчните камења.















