Ново истражување претставено на годишниот собир на „Endocrine Society“ во Чикаго покажало дека целосното отстранување на сахарозата од нискомасната исхрана може да има несакани последици врз цревното и метаболичкото здравје.
Истражувачкиот тим предводен од д-р Рашид Ахмад од Институтот за дијабетес „Dasman“ во Кувајт следел две групи глувци во текот на 16 недели. Едната група добивала нискомасна исхрана со сахароза, вид трпезен шеќер, додека другата била на нискомасна исхрана без сахароза.

Научниците во текот на експериментот ја следеле толеранцијата на глукоза, чувствителноста на инсулин, нивоата на метаболички хормони, составот на цревните бактерии, како и знаците на воспаление во дебелото црево и црниот дроб. На крајот од истражувањето двете групи имале приближно иста телесна тежина, но глувците без сахароза развиле полоша контрола на глукозата, инсулинска резистенција, нарушувања во цревната микробиота, воспаление на цревата и промени поврзани со масна болест на црниот дроб.
Ахмад во соопштението навел: „Целосното отстранување на сахарозата од нискомасната исхрана може неочекувано да го наруши здравјето на цревата и да поттикне воспаление и метаболичка дисфункција“.

Тој додал и дека резултатите укажуваат на тоа дека урамнотежената исхрана е поважна од самото исфрлање на шеќерот.
Авторите истакнуваат дека заклучоците не можат да се толкуваат како повик за неограничен внес на слатки. Проблемот, според текстот на студијата, првенствено го претставуваат додадените шеќери во преработената храна и пијалаците, чиј прекумерен внес го зголемува ризикот од покачен крвен притисок, хронично воспаление, кариес, дебелеење, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања. Препораката на „American Heart Association“ останува мажите дневно да внесуваат најмногу девет лажички додаден шеќер, а жените шест.











