Пекол во Индија: Асфалтот достигна 64 степени, жителите очајни – „Нема спас ниту дење ниту ноќе“

Точка

15/06/2026

08:44

1.083

Големина на фонт

а а а

Главниот град на Индија, Делхи, веќе со недели е под удар на силен топлотен бран, а температурите редовно надминуваат 40 степени Целзиусови.

Иако апликациите за временска прогноза предупредуваат дека реалното чувство на жештина е секогаш неколку степени повисоко, вистинската состојба на улиците во градот открива уште подраматична слика. Додека Индискиот метеоролошки завод (IMD) минатиот вторник регистрирал максимална дневна температура од 43,5°C, мерењата со термална камера на одредени локации покажале дека температурата на површините достигнува дури 64°C, пишува „BBC“.

Температурите на површините ја откриваат вистинската слика

Оваа разлика произлегува од начинот на мерење. Официјалните податоци на "IMD" се однесуваат на температурата на воздухот во стандардизирани услови, додека термалните камери ја мерат температурата на површините. Во текот на жешките денови, патиштата, бетонот, возилата и другите изложени површини можат да станат значително потопли од околниот воздух.

Високите температури на површините дополнително ја зголемуваат топлината што човечкото тело ја апсорбира преку зрачење, поради што урбаните средини можат да изгледаат многу потопли од официјално измерената температура, особено на места каде што недостига сенка или зеленило.

Теренска екипа со термална камера на организацијата „Greenpeace India“ посетила една од најпрометните градски крстосници веднаш по пладне. Додека истражувачката Нибедита Саха ја насочила камерата кон засенчените делови под надвозникот, измерената температура изнесувала 42°C. Но кога камерата била насочена кон мотоциклистите кои чекале на семафор под директно сонце, температурата скокнала на 64°C. Површината на асфалтот на кој стоеле достигнувала 61°C, додека само три метри подалеку, во сенка на дрво, температурата паднала на 39,8°C.

„Постојаната изложеност на толку високи температури може да предизвика сериозни здравствени проблеми“, вели Нибедита и додава дека понекогаш поместување од само неколку метри може да направи огромна разлика.

„Веднаш почувствувавме олеснување. Тоа е разликата што може да ја направи само едно дрво“, додава таа.


Сериозни здравствени ризици

Пулмологот д-р А. Фатахудин објаснува дека нормалната телесна температура изнесува 37°C и дека долготрајната изложеност на екстремна жештина може да предизвика нејзино покачување.

„Кога ќе надмине 40°C, телото престанува нормално да функционира. Најчест симптом е топлотната исцрпеност. Луѓето прекумерно се потат, се жалат на главоболки и замор“, изјавил тој.

Во потешки случаи, додава докторот, може да дојде до збунетост, вртоглавица, па дури и напади.

„Доколку не се интервенира навреме, може да дојде до откажување на повеќе органи, што може да заврши со смртен исход“, предупредува тој.

За време на топлотен бран, д-р Фатахудин советува луѓето да пијат вода дури и кога не чувствуваат жед, да носат широка и светла облека и да користат чадор. Според него, властите би требало да препорачаат избегнување работа на отворено во периодот од 10:30 до 15:00 часот.


„Каков избор имаме ние сиромашните?“

Но тоа е луксуз што многу сиромашни жители на Делхи не можат да си го дозволат.

Во близина на познатата градска знаменитост Црвената тврдина, и покрај неподносливата жештина, уличните продавачи ги поставиле своите тезги надевајќи се на купувачи.

„Каков избор имаме ние сиромашните?“, прашува Санџана Бен, која продава суво овошје на врелиот тротоар.

Термалната камера измерила температура од околу 40°C на нејзиното лице, но на земјата покрај неа биле измерени 51,4°C, а само неколку сантиметри подалеку дури 57°C.

„Понекогаш ми се врти и ми се заматува видот. Кога земјата е премногу жешка, станувам накратко. Но колку долго можам така? Потоа повторно седнувам“, раскажала таа за „BBC“.

Мохамад Махфуз Алам, кој во близина продава обувки, вели дека нема олеснување бидејќи жештината доаѓа и од земјата, а сонцето безмилосно пече одозгора.

„Нема спас ниту дење ниту ноќе. Се чувствувам безволно, ме болат нозете. Се враќам дома целосно исцрпен. Дури ни по туширање не можам да заспијам. Вентилаторот дува врел воздух и само се превртувам во кревет“, вели тој.

Забележал и дека годишните времиња се промениле.

„Станаа многу понепредвидливи. Летото, зимата и дождовите најмногу ги погодуваат оние од нас кои живеат и работат на улица.“

Покажувајќи кон дрвото зад себе, додал:

„Да не беше ова дрво, ќе беше невозможно да бидам овде. Денот кога ова дрво ќе го нема, сè ќе биде готово.“


Ниту во домовите нема спас од жештината

Ниту во другите делови на градот состојбата не е подобра.

Во пешачката зона Чандни Чоук, камените столбови наменети за одмор на посетителите биле практично неупотребливи – на еден од нив била измерена температура од 56,9°C.

Во населбата Сундар Нагри, дури и по 17 часот, бетонска клупа на влезот во населбата достигнувала 51,6°C.

Таму малите бетонски куќи се збиени една до друга, а улиците се толку тесни што едвај може да помине едно лице.

Во една таква куќа живеат братот и сестрата Абхишек и Кајал. Последните две недели Абхишек води „дневник на жештината“ за проект на „Greenpeace“, бележејќи како екстремните температури влијаат врз нивниот живот.


Пред нивниот дом камерата измерила 42°C, а во внатрешноста на двособниот дом температурата била само малку пониска. На полиците покрај ѕидот биле измерени околу 40°C.

Во куќата нема прозорци, а малиот тавански вентилатор само го врти врелиот воздух.

„Кога е премногу жешко, ми се лоши“, вели Кајал. „Не можеш да излезеш надвор, а не можеш ни да останеш внатре.“

Абхишек прочитал дел од својот дневник:

„Жештината оваа недела целосно ни ја промени дневната рутина. Сите се враќаат дома доцна и никој не спие добро. Наутро вентилаторот се исклучува додека се готви и жештината станува неподнослива. На сестра ми ѝ е тешко да ги извршува домашните обврски. Мајка ми изгледа поуморно од кога било.“

Деновите некако минуваат, вели тој, но ноќите се најтешки.

„Се ишишав, неколку пати станувам за да се измијам, ја соблекувам маицата, но и понатаму не можам да заспијам. Надвор барем има малку ветер, а внатре се чувствувам како да стојам покрај рерна.“