Дури девет од десет Европејци би ја напуштиле земјата во која живеат – еве каде би сакале да се преселат

Точка

27/07/2026

19:36

423

Големина на фонт

а а а

Речиси половина од жителите на Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство очекуваат дека во одреден период од својот живот ќе живеат во друга држава, покажува новото истражување спроведено на примерок од 2.000 возрасни лица.

Истражувањето за дигиталната осигурителна компанија „Feather“ го спроведе истражувачка агенција, а резултатите покажуваат дека растот на трошоците за живот е главната причина поради која многумина размислуваат за преселба во странство. Тоа го навеле 53 проценти од Британците, 48 проценти од Французите, 43 проценти од Германците и 32 проценти од Италијанците.

Во секоја од четирите земји биле анкетирани по 500 возрасни лица, а само еден од десет испитаници изјавил дека сигурно не би сакал да се пресели во друга држава, пренесува „Euronews“.

Иако омилените дестинации се разликуваат од земја до земја, Шпанија се покажала како најпосакуван избор меѓу испитаниците.


Канада и Шпанија меѓу најпосакуваните дестинации

Британците и Италијанците најчесто ја избирале токму Шпанија како земја во која би сакале да живеат. За неа се изјасниле 24 проценти од Британците и 20 проценти од Италијанците. Шпанија била и втор најпопуларен избор меѓу Французите и Германците – ја избрале 16 проценти од Французите и 12 проценти од Германците.

Французите, пак, како најпосакувана дестинација ја издвоиле Канада, која ја избрале 17 проценти од испитаниците, додека Италија се нашла на второто место со 14 проценти од гласовите.

Германците, од друга страна, главно не планираат да се селат далеку од својот дом. 17 проценти од нив ја избрале Австрија, додека Шпанија и Швајцарија го поделиле второто место со по 12 проценти.


Британците се поподготвени за преселба на другиот крај од светот. Австралија ја избрале 19 проценти од испитаниците, Канада 15 проценти, а Нов Зеланд 10 проценти.

Иако Дубаи често се споменува како една од најпопуларните дестинации за иселеници, само три проценти од Британците навеле дека размислуваат да се преселат таму. Авторите на истражувањето истакнуваат дека анкетата била спроведена кон крајот на јуни и сметаат дека врз резултатите најверојатно влијаеле иранските напади врз Обединетите Арапски Емирати во текот на претходните месеци.


Сè повеќе луѓе избираат живот во повеќе држави

Во рамките на истражувањето, компанијата „Feather“ разговарала и со експертката за патувања Холи Рубенштајн, водителка на поткастот „The Travel Diaries“, која смета дека традиционалниот начин на живот на иселениците се менува.

„Новата верзија на таквиот начин на живот е многу пофлексибилна. Луѓето поминуваат шест месеци на едно место, работат од далечина, испробуваат одреден начин на живот и создаваат врски на повеќе различни локации“, вели Рубенштајн.


Таа додава дека генерацијата Алфа ќе расте со работата од далечина и онлајн комуникацијата како нешто сосема вообичаено.

„За нив, кариерата, пријателствата и идентитетот повеќе нема да бидат врзани само за едно место“, заклучи таа.