Иран до САД по израелскиот напад врз Бејрут: Играта на добар и лош полицаец е застарена

Макфакс

14/06/2026

15:40

241

Големина на фонт

а а а

Иранскиот претседател на парламентот остро ги критикува САД поради нивната стратегија при израелските напади врз предградијата на Бејрут, нагласувајќи дека играта на добар и лош полицаец е застарена и дека прашањето за Либан е клучен дел од несогласувањата во меѓународните преговори.

По нов израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, еден од водечките ирански политички функционери упати остри критики кон САД, обвинувајќи ги дека немаат ниту волја ниту капацитет да ги исполнат своите обврски и дека со Израел играат стратегија на „добар и лош полицаец“.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад-Багер Галибаф, на платформата X изјави дека најновиот напад во областа Дахија уште еднаш покажува дека Вашингтон не го спречува дејствувањето на Израел. Тој додаде дека преку дозволување на такви напади не може да се постигнат никакви политички отстапки.

Играта на добар и лош полицаец е застарена. Ако немате волја и капацитет да ги исполните обврските, не може да се зборува за продолжување на процесот“, порача Галибаф.

Во меѓувреме, според дипломатски извори, прашањето на Либан станува дополнителна точка на несогласување во пошироките разговори. САД наводно се обиделе Либан да остане надвор од евентуален договор за завршување на конфликтот, додека Иран инсистира земјата да биде вклучена, со цел да се сопрат израелските напади врз Хезболах.

Иранските воени структури исто така реагираа на нападите, најавувајќи дека тие „нема да останат без одговор“. Од друга страна, американскиот медиумски портал Aксиос објави дека Израел непосредно пред нападот ја информирал американската војска во регионот.