Норвешка започнува уникатен мегапроект. Во иднина бродовите ќе можат да поминуваат низ планина? Имено, ’ртот Стад на полуостровот Стадландет се смета за еден од најопасните делови од брегот во земјата.
Силните бури и високите бранови постојано ја прават оваа рута предизвик за капетаните. Наместо да го заобиколуваат озлогласениот ’рт на отворено море, бродовите во иднина би можеле да користат заштитена рута низ планина.

Станува збор за проектот „Stad Ship Tunnel“, првиот тунел во светот наменет за големи морски бродови. Тунелот ќе биде долг околу 1,8 километри и широк 37 метри, што ќе овозможи минување дури и на големи крузери долги до 140 метри и тешки до 16.000 тони. Овој тунел првенствено служи за зголемување на безбедноста на поморскиот сообраќај, пишува „Билд“.
Проектот бил одобрен уште во 2017 година, но неколку пати бил на работ на откажување поради огромниот раст на трошоците. Наместо првично проценетите околу 455 милиони евра, цената пораснала на повеќе од 780 милиони евра. Владата на премиерот Јонас Гар Сторе на почетокот се противела, но по преговорите со парламентот бил постигнат нов договор за финансирање од 8,6 милијарди норвешки круни, односно околу 782 милиони евра.

Државната управа за крајбрежна администрација „Kystverket“ веќе се подготвува за следните чекори. Генералниот директор Еинар Вик Арсет изјавил дека се подготвени на почетокот од 2027 година да ги започнат сите потребни процедури за да може изградбата да почне. Одлуката за изведувачот на работите се очекува наскоро, а во игра се уште три конзорциуми. Предвидено е работите да траат околу пет години.
Норвешка со овој проект сака да покаже дека е светски лидер во иновативна и одржлива инфраструктура. Доколку сè оди според планот, „Stad Ship Tunnel“ би можел да стане една од најспектакуларните градби на 21 век — тунел низ кој буквално ќе пловат бродови.











