Премиерот Христијан Мицкоски во Истанбул на Бизнис форум ги покани турските инвеститори да инвестираат во Македонија, истакнувајќи ги традиционалните пријателски односи и потенцијалот за економски развој и нови работни места.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во работна посета на Истанбул, Република Турција, каде учествува на Бизнис форум посветен на бизнис соработката меѓу двете држави.
Обраќање на Мицкоски
Во своето обраќање, како што објави на социјалните мрежи, истакнал дека Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи, вели Мицкоски претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции.
Потенцијал за соработка и инвестирање
„Посочив дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари. Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари.
Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава која има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој“, вели Мицкоски.







