„Е*и се сине; те мразам“: Објавени морничави пораки на судењето на родителите на Коста К., откриен и гнасен потег на детето-убиец ноќта пред масакрот

Точка

11/06/2026

21:10

2.672

Големина на фонт

а а а

Судската постапка против Владимир и Миљана Кецмановиќ, родители на момчето кое го изврши масакрот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, влезе во завршна фаза, а објавувањето на првостепената пресуда е закажано за 18 јуни.

Обвинителството бара максимални казни, сметајќи дека родителите сносат кривична и морална одговорност поради занемарување на детето и овозможување пристап до оружје, пишува „Blic“.


Шокантни пораки и ноќта во пресрет на злосторството

За време на изнесувањето на завршните зборови на обвинителството, оштетените семејства и одбраната, на виделина излегоа досега непознати и потресни детали за семејството на момчето-убиец. Јавноста во судницата остана шокирана кога беа прочитани пораките од мобилниот телефон на момчето и неговата мајка Миљана.

Вознемирувачката преписка започнала уште во 2020 година, кога момчето ѝ напишало на мајка си: „Те мразам“. Таа му одговорила: „На работа сум, немој да ме срамиш, јас сум ти мајка, треба да се гордееш со мене“. Само неколку дена подоцна му испратила порака: „Е*и се, сине“.


На можни претходни испади на насилство упатува и пораката со која Миљана му се обратила на синот: „Што правите? Зошто имаш потреба така да се однесуваш кон сестра ти?“.

Адвокатите, исто така, открија дека момчето ноќта пред масакрот, додека во собата со него била и неговата помала сестра, на интернет гледало експлицитни содржини што вклучувале луѓе и животни. Тие нагласија дека родителите немале никаква контрола врз тоа што прави нивниот син, ниту покажале желба да го надгледуваат.


„Таа понесе бисквити, тој куршуми“

Завршните зборови на семејствата на убиените предизвикаа тага во судницата. Драгана Анѓелковиќ, мајката на убиената Мара, низ солзи се присети како последен пат ја видела својата ќерка во мртовечница. „Не го заслужи тоа. Имаше шест прострелни рани, од која една беше во срцето. Немаше никаква шанса“, рече таа, додавајќи дека момчето-убиец за време на пукањето „не се ни поместило“.

Нина Кобиљски, мајката на убиената Ема, раскажа дека на погребот на ќерка си со лента за коса ја прикриле раната од куршумот на главата, а со нејзиниот омилен фустан раната на градите. „Оваа пресуда не е борба за враќање на минатото, туку за спас на иднината“, порача таа.


Правниот застапник на семејството Мартиновиќ го прочита писмото на постарата сестра на убиената Катарина, упатено до обвинетите: „Таа понесе бисквити, тој куршуми. Ми ја одзедовте сестра ми. Не залажувајте се, виновни сте“.

Мајката на убиениот Андрија, Сузана Чикиќ Станковиќ, изјави дека родителите на момчето-убиец не прават разлика меѓу грижата за детето и образованието и откри дека Миљана Кецмановиќ за време на судењето во судницата ѝ довикнала: „Срам да ти е“.

Нинела Радичевиќ, мајката на Ана Божовиќ, изјави дека чувствува оти нејзината ќерка не ја убило момчето, туку Владимир и Миљана Кецмановиќ со своето воспитување. Сестрата на убиениот чувар Драган Влаховиќ, Радица, се присети на својот брат како човек кој ги сакал децата, истакнувајќи дека сила ѝ даваат мајките на настраданите кои се држат достоинствено, без ниту еден навредлив збор упатен кон обвинетите.


Адвокатите за одговорноста на таткото

Адвокатите на оштетените семејства беа децидни во своите излагања. Горан Петрониевиќ нагласи дека детето не се раѓа како злосторник и дека сѐ можело да биде поинаку доколку таткото на момчето-убиец го водел синот на литургија наместо на стрелиште.


Неговиот колега Марко Јанковиќ го истакна целосното отсуство на одговорност кај таткото: „Срамота е што главата на семејството не се обвинува самиот себеси“. Јанковиќ додаде дека, доколку Владимир Кецмановиќ ја добие максималната казна што ја бара обвинителството, тоа ќе значи само една година и два месеца затвор за секоја жртва.